Sayed Khodaiberdi Sadat
16 Јули 2021•Ажурирај: 16 Јули 2021
КАБУЛ
Во Авганистан, безбедносните сили повратија две области заземени од Талибанците во провинциите Нимруз и Бамјан, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за одбрана соопшти дека во тек се операции на безбедносните сили за враќање на териториите контролирани од Талибанците.
Во соопштението се наведува дека областа Чахансур во провинцијата Нимруз и областа Сејган во провинцијата Бамјан се повратени од Талибанците.
Исто така, се додава дека во операцијата се убиени многу милитанти и е запленето значително количество оружје и муниција.
- Насилствата во земјата продолжуваат
Мировниот процес во Авганистан останува неизвесен. Од друга страна, насилните судири меѓу безбедносните сили и Талибанците продолжуваат.
Талибанците ги освоија скоро сите области на границата на Узбекистан и Таџикистан во нападите кои започнаа во последната недела од јуни.
Исто така, го опколија и граничниот премин „Хајратан“, најважната трговска рута до Узбекистан, од два правци, додека на југозапад се концентрираа на провинцијата Газни.
Талибанците кои продолжија да напредуваат во Авганистан, ја зазедоа Исламската тврдина на границата со Иран на 8 јули и граничниот премин „Спин Болдак“ на границата со Пакистан на 14 јули. Исто така, Талибанците ги зголемија насилните напади во провинциите Бадахшан, Тахар, Газни, Херат, Кандахар и Бадгис.
Според информациите што дописникот на Агенција Анадолија (АА) ги доби од локалните власти, Талибанците контролираат повеќе од 160 од вкупно 407 области, вклучувајќи ги и нивните центри.