Ekip
19 Мај 2018•Ажурирај: 20 Мај 2018
КАБУЛ (АА) - Најмалку 16 лица загинаа во поплави и лизгање на земјиштето во северниот дел на Авганистан, додека стотици куќи беа оштетени, објавија официјални лица и локалните медиуми.
Сунат Таимур, портпарол на администрацијата во провинцијата Такар, за Anadolu Agency (AA) изјави дека осум провинциски окрузи на границата со Таџикистан претрпеа сериозни штети во поплавите и лизгањето на земјиштето, предизвикани од поројните дождови.
Таимур истакна дека најмалку 9 лица загинале, 20 се повредени, додека повеќе од 500 куќи се оштетени.
Слични извештаи доаѓаат од соседната провинција Бадакшан, каде што Центарот за управување со кризи (NDMA) извршил проценка по обилните дождови.
Локалната радиостаница, објави дека седум лица загинаа во поплавите, а дека ситуацијата дополнително се влошува со фактот дека е прекината главната патна комуникација за поврзување на оддалечените области со главниот град на провинцијата Фаизабад.
Северните делови на Авганистан беа погодени од силен дожд во време кога, според Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ), екстремно сувото време влијаеше на 22 провинции низ целата земја и се закануваше дека ќе изврши негативно влијание врз животите на милиони луѓе, со дополнителни два милиона луѓе кои ефектите од сушите може да ги почувствуваат следните месеци.