Aldijana Hadzic
20 Ноември 2021•Ажурирај: 22 Ноември 2021
ВИЕНА
Неколку илјади лица кои се противат на антиковид мерките, се собраа во Виена, главниот град на Австрија, пред најавеното ограничување на движењето, што би можело да трае 20 дена, јавува Агенција Анадолија (АА).
Австрискиот канцелар Александер Шаленберг изјави дека ќе воведе национална блокада со цел да се запре четвртиот бран на пандемијата на коронавирусот.
Шаленберг соопшти дека Владата донела одлука локдаунот да започне во понеделник, 22 ноември, и дека на почетокот ќе трае 10 дена со можно продолжување на уште 10.
Демонстрантите се собраа на плоштадот „Хелденплац“ со цел да го изразат своето незадоволство поради вакцинацијата што ќе биде задолжителна од 1 февруари 2022 година.
На протестите, на кои полицијата презеде големи мерки за безбедност, насобраните истакнаа знамиња на Австрија и транспаренти на кои пишуваше „не за задолжителна вакцинација“, „укинување на ограничувањата“, и слично.
Полицијата им изрече парични казни на демонстрантите кои не се придржуваа на антиковид мерките.