Ekip
04 Февруари 2022•Ажурирај: 06 Февруари 2022
ЖЕНЕВА
Агенција на Обединетите нации за бегалци денеска соопшти дека е „шокирана и длабоко вознемирена“ од објавите дека 19 мигранти починале во средата на грчко-турската граница, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Видовме објави во медиумите. И ние сме шокирани и длабоко вознемирени од овие објави“, изјави на прес-конференцијата портпаролот на Високата комисија на ОН за бегалци, Борис Чеширков.
Тој рече дека тие имаат извештаи дека луѓето починале во близина на границата помеѓу Грција и Турција.
„Работиме на проверка на овие извештаи“, рече тој како одговор на прашањето од Агенција Анадолија.
Според Чеширков, Агенцијата на ОН добила извештаи за зголемување на бројот на прекршувања на човековите права на копнените и поморските граници за време на последните две години.
Министерот за внатрешни работи на Турција, Сулејман Сојлу, во средата силно ја критикуваше Грција за нехуманиот и понижувачки третман на нерегуларните мигранти и рече дека оние кои биле најдени мртви, биле оставени без облека и обувки од страна на грчките гранични сили.
„Најмалку 19 нерегуларни мигранти беа најдени замрзнати до смрт“, соопштија турските власти во четвртокот, со што билансот на починати се зголеми од 12 лица, ден претходно.