Mevlüt Özkan
03 Октомври 2025•Ажурирај: 03 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Аеродромот во Минхен денес повторно беше отворен, откако претходната вечер воздушниот сообраќај беше целосно прекинат, поради тоа што беа забележани повеќе беспилотни летала кои предизвикале загриженост за безбедноста, јавува Анадолу.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ соопшти дека летовите „повторно се одвиваат според распоредот“.
Прекинот предизвика откажување на 17 полетувања и пренасочување на 15 пристигнувачки летови кон Штутгарт, Нирнберг, Виена и Франкфурт, што ги погодило речиси 3.000 патници, се наведува во соопштението на аеродромот.
Аеродромските власти потенцираа дека безбедноста на патниците е „највисок приоритет“ во ситуации кога се забележани беспилотни летала, нагласувајќи дека воспоставените процедури за известување меѓу контролата на летање, аеродромот и полицијата функционираат навремено.
„Важно е да се нагласи дека откривањето и одбраната од беспилотни летала се суверени задачи и одговорност на федералната и покраинската полиција“, се вели во соопштението.
Во текот на прекинот, аеродромот во соработка со авиокомпаниите обезбедил сместување и неопходна поддршка за патниците во терминалите, вклучително кревети на склопување, ќебиња, пијалаци и закуски.
Инцидентот се случи во период кога повеќе земји од ЕУ, меѓу кои Полска, Романија, Естонија и Данска, пријавија прекршувања или нарушувања на воздушниот простор од беспилотни летала. Русија, која беше обвинета за ваквите нарушувања, ги негира обвинувањата.
Русија негираше вмешаност во серијата инциденти со беспилотни летала.