Burç Eruygur
31 Јануари 2023•Ажурирај: 01 Февруари 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Властите на Азербејџан упатија препорака до своите граѓани да не патуваат во Иран по минатонеделниот смртоносен напад врз Амбасадата на Азербејџан во Техеран, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Поради нестабилната ситуација во Исламската Република Иран и терористичкиот напад врз дипломатската мисија на нашата земја, на граѓаните на Република Азербејџан им се препорачува да не ја посетуваат Исламската Република Иран доколку не е потребно“, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Азербејџан.
Во соопштението, исто така, се наведува дека на оние кои го посетуваат Иран им се советува да бидат претпазливи.
„На граѓаните на Република Азербејџан кои моментално се наоѓаат во Исламската Република Иран им се препорачува да ги почитуваат правилата за безбедност“, се вели во соопштението.
Во петокот, вооружен маж упадна во просториите на Амбасадата на Азербејџан во Техеран и со пушка калашников отвори оган, убивајќи го шефот на обезбедувањето и ранувајќи двајца чувари. Вооружениот напад предизвика остри осуди ширум светот.
Баку во неделата евакуира 53 лица, дипломати кои работат во амбасадата и членовите на нивните семејства.