Muhammet Nazım Taşcı
31 Јануари 2023•Ажурирај: 01 Февруари 2023
ИСЛАМАБАД (АА) - Бројот на загинати во самоубиствениот напад во џамија за време на пладневната молитва во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва се искачи на 100, јавува Агенција Анадолија (АА).
Самоубиствениот напад беше извршен вчера во џамија за време на муслиманската молитва во Пешавар, главниот град на провинцијата Хајбер Пахтунхва. Џамијата се наоѓа во внатрешноста на полицискиот комплекс.
Локалните власти соопштија дека се завршени операциите за пребарување и спасување што започнале веднаш по нападот.
Официјални лица објавија дека бројот на жртвите од самоубиствениот напад се искачил на 100 и дека 225 лица се хоспитализирани со повреди.
Владата на Хајбер Пахтунхва прогласи ден на жалост во провинцијата.
Гувернерот Гулам Али изјави дека истрагата ќе покаже како терористот успеал да влезе во џамијата со бомбата.
Мухамед Асим, портпарол на болницата во Пешавар, изјави дека повеќето од загинатите се полицајци.
Одговорноста за смртоносниот напад ја презеде пакистанската талибанска организација Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП).
Министерот за одбрана, Каваџа Асиф, за „Гео њуз“ изјави дека осомничениот бомбаш стоел во првиот ред во џамијата и се разнел веднаш штом почнала молитвата.
Пакистанските талибанци во последните недели ги засилија нападите во земјата. Бројот на терористички напади во Пакистан во текот на 2022 година е зголемен за 15 отсто во споредба со претходната година.