Emre Gürkan Abay
23 Октомври 2020•Ажурирај: 24 Октомври 2020
БАКУ - Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека е завршена изградбата на Трансјадранскиот гасовод (ТАП), кој природниот гас од азербејџанското поле „Шах Дениз 2“ ќе го пренесува кон Европа, и соопшти дека во текот на наредните недели тој официјално ќе биде отворен, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Завршен е историскиот гасовод од Баку кон Европа“, изјави Алијев во интервјуто за јапонскиот весник „Никеи“, додавајќи дека веќе е изменета статус-кво состојбата во Нагорно Карабах.
Истакна дека министрите за надворешни работи на Азербејџан и Ерменија ќе одржат состаноци во САД. „Слични состаноци имало и порано. Сепак, веројатноста за мирно решавање на процесот со сегашната ерменска Влада е многу мала“, додаде тој.
Алијев потсети дека Ерменија се заканила дека ќе го нападне гасоводот во Азербејџан. „Ако преземат таков чекор, тие ќе бидат казнети. Гасоводот ТАП е завршен. Официјално ќе биде отворен во рок од неколку недели. Завршен е историски гасовод од Баку кон Европа.“
Објаснувајќи дека гасоводот во Азербејџан постојано се штити, Алијев рече: „Многу земји и институции инвестираа милијарди долари во овој гасовод. Ако Ерменија го нападне гасоводот, каква ќе биде реакцијата на овие земји? Ако Ерменија сака да го нападне гасоводот, би требало двапати да размисли пред тоа.“
- „Турција е нашиот најблизок сојузник“ -
Азербејџанскиот претседател рече дека Турција, освен во регионот на Кавказот, игра важна улога и во светот додавајќи: „Тоа е реалност и реалност што нè радува, бидејќи Турција е наша братска земја и наш најблизок сојузник.“
Истакна дека се одвиваат консултации меѓу Турција и Русија во однос на прашањето за Нагорно Карабах, при што рече: „Затоа сметам дека се бесмислени изјавите на Ерменија за исклучување на Турција од целиот овој процес. Турција и онака е во самиот процес и треба да биде тука за да се обезбеди стабилност. Турција е единствена земја што се граничи со трите кавкаски земји. Ниту една друга земја не се граничи со три земји од регионов и затоа ние силно ја поддржуваме Турција да земе активно учество во процесот.“
- Гасоводот ТАП -
Гасоводот ТАП, кој природниот гас од полето „Шах Дениз 2“ во Азербејџан ќе го транспортира кон Европа, на границата меѓу Турција и Грција се спојува со Трансанадолскиот гасовод за природен гас (ТАНАП). На 13 октомври беше објавено дека изградбата на проектот е завршена по 4,5 години.
Благодарение на ТАП, кој претставува европски крак на Јужниот гасен коридор, до Италија ќе транспортира 10 милијарди кубни метри гас годишно преку Грција, Албанија и Јадранското Море.
БП, СОКАР и „Санм“ контролираат по 20 проценти од ТАП, додека „Флукси“ поседува 19 проценти, „Енагас“ - 16 проценти и „Акспо“ - 5 проценти.