Sarp Özer
06 Март 2021•Ажурирај: 08 Март 2021
АНКАРА
Министерот за одбрана на Република Турција Хулуси Акар го оцени како позитивно тоа што Египет своите истражувања на јаглеводород во источен Медитеран ги спроведува со почитување на континенталниот појас на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар од фрегатата ТЦГ Оручреис ја следеше воената вежба „Сина татковина 2021", а во неговата придружба беа и началник на Генералштабот Јашар Ѓулер, командантот на Копнените сили генерал Умит Дандар, командантот на воздушните сили генерал Хасан Ќучукјуз и командант на поморските сили Аднан Озбал.
Истакнувајќи дека државите спроведуваат вежби во рамките на меѓународното право за да ги развијат своите вооружени сили, ги тестираа своите системи и ги зголемија вештините на персоналот, Акар додаде:
„Нашата вежба „Сина татковина" е вежба која во потполност се изведува во рамките на меѓународното право за да се зголеми нашето искуство, знаење и вештини. Во оваа вежба учествуваат нашите морнарици, воздухопловството, генералската команда и крајбрежната стража. Сметам дека оваа вежба даде многу важен придонес кон подобрувањето на нашата способност за заедничка работа".
Акар потсети и на неодамнешните изјави на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
„Истовремено, со оваа вежба продолжуваме со иста решителност и другите наши национални, меѓународни и НАТО мисии. Изјавата која неодамна ја даде генералниот секретар на НАТО навистина е важна. Јасно рече дека е многуважна улогата на Турција во одбраната на НАТО, сакам да му заблагодарам на тоа", рече Акар.
Тој го оцени како позитивен фактот дека Египет своите истражувања на јаглеводород во источен Медитеран ги спроведува почитувајќи го континенталниот појас на Турција и додаде:
„Ова е многу значаен момент, сакаме така и да продолжи. Со Египет имаме многу заеднички историски и културни вредности. Во врска со тоа, сметаме дека би можело да дојде до различни настани во наредните денови."
Говорејќи и за прашањата помеѓу Турција и Грција, Акар рече дека Турција се залага за решавање на проблемите на основа на дијалог, меѓународно право и добрососедските односи.
„Отворени сме за преговори за ова прашање и сакаме да ги искористиме сите мирни начини и методи", заклучи Акар.