Ekip
22 Август 2020•Ажурирај: 22 Август 2020
КУДС
Амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) во Вашингтон објави авторски текст во еден од најголемите израелски дневни весници Једиот Ахронот" (Yedioth Ahronoth) откако таа земја со Израел постигна договор за нормализација на односите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јусуф Ал-Отаиба во текост наведе дека договорот со Израел ќе овозможи директно залагање за палестинското прашање, вклучувајќи и воспоставување на суверена држава.
„Како што тоа го правевме пред 50 години, така и понатаму силно ќе се залагаме за овие цели. Сега тоа ќе го направиме директно, лице в лице, зајакнати и со многу посилни мотиви", истакна Ал-Отаиба.
Тој ги коментираше и плановите на Израел да ги припои деловите на Западниот брег.
„Израелските челници покренаа разговори за нормализација на односите со ОАЕ и со други арапски држави. Затоа, израелските планови за анексија и разговори за нормализација се во контрадикција", нагласи Ал-Отаиби и додаде:
„Се радуваме што ќе им посакаме добредојде на Израелците и на уште стотина други кои ќе го посетат „World Expo" во Дубаи следниот октомври", рече амбасадорот во текстот под насловот „Шалом, селам и добредојдовте".
Минатата седмица, ОАЕ и Израел соопштија дека постигнаа договор за нормализација на билатералните односи. Претседателот на САД, Доналд Трамп лично соопшти дека ОАЕ и Израел постигнале договор во потполност да ги нормализираат билатералните односи. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху порача дека тоа е историски успех.
ОАЕ станаа трета земја која со Израел постигна договор за нормализација на односите, а претходно тоа го направија Египет (1979) и Јордан (1994).
Палестинското раководство, вклучувајќи ги движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народен фронт за ослободување на Палестина, согласно е дека договорот за нормализација на односите помеѓу ОАЕ и Израел претставува големо предавство.