Nur Asena Ertürk
05 Декември 2023•Ажурирај: 06 Декември 2023
АНКАРА (АА) - Норвешкиот активист и лекар Мадс Гилберт ги обвини светските лидери за убивањето цивили во израелските напади врз Газа, јавува Анадолу.
„Претседателе Бајден, господине Блинкен, дали сте будни? Претседателке на ЕУ, Урсула фон дер Лајен, претседателе Макрон, ги слушнавте ли вресоците од Газа вчера?“, праша Гилберт преку видеото што го сподели на платформата на социјални медиуми X.
Гилберт, кој работел 16 години во болницата Ал-Шифа, најголемиот медицински комплекс во Појасот Газа, потсети дека Израел бомбардираше училиште и засолниште на Обединетите нации во подрачјето, при што загинаа 700 цивили, од кои 70 отсто жени и деца.
„Не правите ништо, правите помалку од ништо, активно ги поддржувате израелската воена машинерија и нејзиното убивање“, рече докторот, нагласувајќи дека досега во Газа се убиени 15.000 Палестинци.
Активистот ги обвини светските лидери дека го дозволиле убивањето, па дури и го поддржале со оружје, политичка поддршка и пасивност.
„Огромниот обем на убивање во Газа многумина од нас потсетува на огромниот ужасен обем на убивање на Евреите од страна на нацистичката германска армија од 1940 до 1945 година. Ова не е самоодбрана на Израел, ова е сеопфатен геноцид врз палестинскиот народ во Газа и на Западниот Брег“, нагласи Гилберт.
Тој ги осуди „политиката на елиминација, систематското убивање од огромни размери и воените напади врз незаштитеното палестинско цивилно население“.
„Вие сте одговорни. Ги испишувате вашите имиња на најцрните страници во книгите по историја“, истакна Гилберт и додаде: „Вие сте соучесници и ќе одговарате.“
Лекарот повика да се стави крај на убивањето, да се укине опсадата, да се објави итен прекин на огнот и да се заштитат болниците и здравствените работници.
Тој, исто така, ја истакна потребата од вода, храна, медицински материјали и гориво.
„Тоа се случува додека сте вие на должност. Вие сте одговорни. Запрете ги израелското масовно убивање и геноцидот во Газа“, рече Гилберт.
Израелската војска го продолжи бомбардирањето на Појасот Газа минатиот петок откако прогласи крај на еднонеделната хуманитарна пауза.
Израел започна немилосрдни воздушни и копнени напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група на отпорот, Хамас, на 7 октомври.
Бројот на загинати во израелските напади врз Појасот Газа од почетокот на конфликтот достигна речиси 15.900, соопшти вчера Министерството за здравство во опколената палестинска енклава.
Бројот на ранети се искачи на повеќе од 42.000.
Официјалниот број на загинати во Израел изнесува 1.200