Ömer Tuğrul Çam
03 Март 2020•Ажурирај: 04 Март 2020
ХАТАЈ (АА) - Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави во Обединетите нации (ОН), Кели Крафт и американскиот специјален претставник за Сирија, Џејмс Џефри, пристигнаа во Хатај за да се информираат за меѓународната помош за лицата што избегаа од нападите во Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Авионот што ги превезуваше Крафт и Џефри во пладневните часови слета во Хатај. Официјалните лица на САД, најпрвин го посетија логистичкиот центар во Рејханли, каде што се дистрибуира помошта на ОН за Сиријците. Тука се здобија со информации од официјалните претставници на ОН, вклучително и од заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни работи, Марк Ловкок.
Крафт и Џефри ги придружуваа постојаниот претставник на Турција во ОН, Феридун Синирлиоглу и американскиот амбасадор во Турција, Дејвид Сатерфилд.
Крафт изјави дека во Турција е дојдена по инструкции на американскиот претседател Доналд Трамп, за да на самото место го види статусот на раселените лица и нивните проблеми.
Истакнувајќи ја важноста за одржување на границата отворена за да може помошта да се испорача во Сирија, Крафт рече: „Пристигнувањето на хуманитарната помош е само одговор на оваа тешка ситуација, но главната работа е да се обезбеди постојан прекин на огнот.“
Таа нагласи дека САД обезбедиле дополнителни 180 милиони долари за Сиријците, и додаде „Ги повикуваме другите земји да ја зголемат помошта.“
Наведувајќи дека одговорноста за хуманитарната драма е режимот на Асад, Крафт изјави: „Оваа ситуација е планирана од режимот на Асад. Тоа е брутално и бездушно. Треба да побараме од Русија и режимот на Асад да прогласат прекин на огнот што е можно поскоро.“
Крафт ја оцени помошта на Турција за Сиријците: „Благодарни сме на Турција што понесе голем товар и ги задоволи потребите на Сиријците. Претседателот Ердоган и претседателот Трамп и нашите земји разговараат за да се најде решение за проблемот. Благодарни сме за тоа.“
Заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни работи, Марк Ловкок, истакна дека како ОН им се заблагодаруваат на Турција и на САД за помошта.
„Турција да не ја играше улогата на олеснувач, активностите за помош немаше да можеме да ги спроведеме на овој начин. Турција се однесува неверојатно дарежливо“, нагласи Лоукок.

- ОН: „Турција соработуваше многу добро“ -
Марк Ловкок во изјавата за медиумите пред состанокот со Крафт рече дека во Идлиб дневно се испраќаат 50 камиони хуманитарна помош, дека таа е зголемена на 100 и дека преговараат со Турција за понатамошно зголемување на помошта.
Ловкок исто така ја сподели информацијата дека во последните месеци, како резултат на нападите врз Идлиб стотици илјади луѓе тргнале кон север.
Наведувајќи дека потребата за хуманитарна помош е голема и дека речиси половина од еден милион раселени лица се деца и бебиња, Ловкок рече дека во хуманитарната помош се вклучени шатори, храна и грејни тела.
Лоукок рече дека помош обезбедиле само за 9 проценти од луѓето кои се раселени.
Тој исто така изјави дека при испраќање на помошта, само им доставувале информации на страните, во согласност со надлежностите што ги добиле од Советот за безбедност на ОН.
Нагласувајќи дека помошта на ОН за Идлиб е една милијарда американски долари годишно, Ловкок рече дека тоа треба да биде одржливо.
„Турските власти соработуваат исклучително добро во сите процеси на испорака на помошта“, рече Ловкок.