Kasım İleri
02 Јуни 2021•Ажурирај: 02 Јуни 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот сенатор од Јужна Каролина, републиканецот Линдзи Грам, објави дека Израел по нападите на Појасот Газа, од Министерството за одбрана на САД (Пентагон) ќе побара итна воена помош во вредност од една милијарда американски долари за зајакнување на системите за противвоздушна одбрана „Железна купола“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
За време на неговата посета на Израел, Грам даде интервју за американскиот тв-канал „Фокс њуз“ (Fox News), во кое вели: „Мислам дека утре или в четврток, Израелците ќе побараат помош од 1 милијарда долари од Пентагон за засилување на батериите на „Железната купола“ што се користат за одбрана на Израел.“
Американскиот сенатор рече дека ќе го заврши својот дел од работата со цел овој фонд да биде одобрен во Сенатот.
„Доколку и Хамас се обиде да го уништи Израел, како што Иран го загрозува постоењето на еврејската држава, тогаш јас ќе продолжам да се враќам тука и секогаш ќе сакам сѐ повеќе за Израел. Секогаш кога некој ќе се дрзне да го уништи Израел, нашиот одговор ќе биде уште поголема помош. Тоа ќе започне со реновирање на „Железната купола“. Инвестицијата од милијарда долари би била добра инвестиција за американскиот народ“, коментира Грам.
Укажувајќи дека администрацијата на Бајден му „помогнала“ на Израел за време на последниот конфликт меѓу Израел и Хамас, Грам рече дека и покрај политичките проблеми низ кои помина израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според него, нема да има промени во односот меѓу САД и Израел.
Грам го опиша Нетанјаху како „еден од најмоќните лидери во светот во последните 15 години“.
Тој рече дека Израел е „многу загрижен“ поради Договорот за иранската нуклеарна програма и потезите на американскиот претседател Џо Бајден повторно да се приклучи кон него.
„Без оглед на разликите на теренот во Израел, постојат две пораки. ‘Ви благодариме, Америка, потребна ни е вашата поддршка’ и ‘Ве молиме, не дозволувајте Иранците да добијат нуклеарно оружје, бидејќи тоа може да ја уништи стабилноста во светот.’ Значи, сите во Израел се обединети зад идејата дека Договорот за иранската нуклеарна програма е лоша идеја“, рече Грам.
По 7 мај, кога Израел ја нападна Џамијата „Ал Акса“ во Стариот Град Ерусалим (Кудс), противвоздушните ракетни системи „Железна купола“ успеаја да уништат дел од ракетите што Хамас ги лансира кон Израел.