Safvan Allahverdi
03 Јануари 2020•Ажурирај: 06 Јануари 2020
ВАШИНГТОН
Откако Министерството за одбрана на САД (Пентагон) потврди дека претседателот на САД, Доналд Трамп, дал наредба да се изврши воздушен напад во кој е убиен генералот Касим Сулејмани, командант на Силите на Ерусалим, поврзани со Иранската револуционерна гарда, некои американски сенатори објавија текстови на Твитер, јавува Агенција Анадолија (АА).
Крис Марфи, сенатор на демократите, посочи дека администрацијата на Трамп не се консултирала со Конгресот пред да се изведе споменатиот напад, остро реагирајќи на изјавата на Пентагон во врска со нападот дека „тоа е направено со цел да се спречат иранските напади во иднина“.
Марфи во својата објава на социјалната мрежа го даде следниот коментар:
„Јасно беше дека Сулејмани е непријател на САД, но всушност главното прашање што тука треба да се постави е: Дали САД извршувајќи атентат врз второто најмоќно име на Иран, предизвикаа страшна регионална војна? Претежно, причината поради која не треба да убиваме странски политички фигури е што еден таков чекор би можел да биде причина за смртта на поголем број Американци. Тоа треба да биде наша вистинска, итна и сериозна загриженост во моментов.“
И сенаторот Ричард Блументал, давајќи слична реакција, истакна дека е потребно администрацијата на Трамп под итно да го даде потребното образложение пред Конгресот и американскиот народ.
„Постојаните овластувања во врска со употребата на воена сила на кој било начин не го покриваат почетокот на можна нова војна. Овој чекор може да биде причина за најголемата војна во последните десетици години. Мојата најголема загриженост е безбедноста на храбрите Американци кои се на должност во подрачјето“, истакна Блументал.
Сенаторот Том Јудал смета дека овој напад од страна на Трамп, што е направен без согласност на американскиот Конгрес, го донел американскиот народ на работ на нова војна и додаде: „Под итно е потребно да се донесе закон за да се спречи незаконска војна со Иран. Конгресот под итно треба да преземе нешто.“
Сенаторот Том Карпер во својата порака истакна дека администрацијата на Трамп постојано спроведува провокативни активности по прашањето за Иран, и продолжи со зборовите: „Ова раководство, како и секогаш кога во прашање е Иран, наместо да преземе стратегија, избра непотребна провокација. Моето стравување е, она што се случи да не е едно од нив.“
Од друга страна, републиканскиот сенатор Линдзи Грам, кој е познат по наклонетоста кон Трамп, истакнувајќи дека Сулејмани е убиец на многу Американци, го поддржа споменатиот напад.
Грам, заблагодарувајќи му се на Трамп за операцијата, наведе: „Значително се зголеми цената на убивањето и ранувањето Американци. Голем удар врз иранскиот режим во чии раце има американска крв. Сулејмани беше еден од најнемилосрдните и валкани членови на режимот на Ајатолах. На неговите раце имаше американска крв.“
Покрај тоа Грам истакна дека доколку Иран продолжи со напади, тогаш ќе продолжи за тоа да плаќа висока цена и додаде:
„Овие мои зборови се упатени до иранскиот режим: Доколку барате повеќе, ќе добиете. Доколку сакате да се најдете на пазарот на нафта, оставете ги Америка и нејзините сојузници на мира и престанете да бидете најголем финансиер на тероризмот во светот. Доколку Иран продолжи да ги напаѓа Америка и нејзините сојузници, тогаш треба ја плати највисоката цена, во која е вклучено и уништувањето на нафтените рафинерии.“
Во нападот изведен од страна на американските сили, покрај Сулејмани, убиен е и Ебу Мехди ал Мухендис, заменик-претседателот на проиранската организација „Хашд ал Шаби“.