Zehra Nur Düz
26 Мај 2021•Ажурирај: 28 Мај 2021
ЕРУСАЛИМ (АА) - Американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон повторно ќе го отвори својот конзулат во Ерусалим (Кудс), што служеше како Канцеларија задолжена за дипломатските односи со Палестина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Блинкен го најави тоа на прес-конференцијата по состанокот со палестинскиот претседател Махмуд Абас во Рамала, како дел од неговата официјална посета на окупирана Палестина.
„За време на состанокот, двете страни разговараа за неодамнешните напори за консолидирање на примирјето низ целата окупирана палестинска територија, вклучително и Кудс (Ерусалим) и Газа, обнова на разрушениот Појас Газа по 11-дневните израелски воздушни напади и за начините за постигнување политичко решение и за развој на американско-палестинското партнерство“, објави државната палестинска новинска агенција ВАФА.
Во текот на прес-конференцијата, Блинкен истакна дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе обезбедат 5,5 милиони долари како итна финансиска помош за Појасот Газа и 32 милиони долари за поддршка на меѓународните хуманитарни организации.
„Ние ќе продолжиме да се спротивставуваме на сите еднострани потези што ќе доведат до понатамошно насилство меѓу Израел и Палестинците“, рече тој.
„Палестинскиот претседател, Махмуд Абас, од своја страна изрази благодарност до американската администрација под претседателство на Џо Бајден за напорите за постигнување прекин на огнот во Газа“, соопшти ВАФА.
Абас ја потенцираше важноста на американската интервенција за да се изврши притисок врз Израел да ги запре нападите во окупираниот Кудс (Ерусалим), Западниот Брег и Газа, за кои рече дека „ги поткопуваат американските напори за зацврстување на примирјето и деескалација на ситуацијата“.
Во однос со неговата одлука за откажување на парламентарните избори закажани за 22 мај во Палестина, Абас истакна дека откако Израел ќе одобри одржување на изборите во Кудс, неговата влада веднаш ќе ги одржи, без одложување.
На крајот на април оваа година, Абас еднострано ги одложи првите палестински национални избори во последните 15 години поради блокирањето на изборите од страна на Израел во Источен Кудс (Источен Ерусалим).
Се очекуваше парламентарните избори да се одржат на 22 мај, а претседателските избори на 31 јули, додека изборите за Палестинскиот национален совет беа планирани за 31 август.
Американскиот државен секретар Блинкен пристигна во Израел вчера како прва станица од неговата прва блискоисточна турнеја по стапувањето на функцијата американски државен секретар.
Израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, разговараше со Блинкен за низа регионални прашања, меѓу кои и за договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, како и за Иран.
Според портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, по неговиот состанок со Нетанјаху, Блинкен се состанал со високи израелски официјални претставници, меѓу кои претседателот Рувен Ривлин и министерот за надворешни работи Габи Ашкенази.
Блинкен ќе се сретне и со палестинскиот премиер Мухамад Иштије и со високи претставници на палестинските власти пред да замине за Каиро, Египет и Аман, Јордан.