Mustafa Deveci
25 Мај 2021•Ажурирај: 26 Мај 2021
КУДС
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, ја започна посетата на земјите на Блискиот Исток со која сака да испрати пораки за поддршка на постигнатиот договор за прекин на огнот во Газа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот државен секретар Блинкен на аеродромот „Бен Гурион“ кај Тел Авив беше дочекан од шефот на израелската дипломатија, Габи Ашкенази.
По престојувањето во Израел, Блинкен ќе ги посети и Палестина, Египет и Јордан.
Главните теми на разговорот ќе бидат поддршката на договорот за примирје, што Израел и Хамас го постигнаа на 21 мај, како и доставувањето хуманитарна помош на Палестинците во Газа која е под блокада.
Блинкен денес ќе се состане со израелскиот колега Ашкенази и со премиерот на таа земја, Бенјамин Нетанјаху, а потоа во Рамала ќе се состане и со палестинскиот претседател Махмуд Абас и со премиерот Мохамад Штајех.
Тензиите на Блискиот Исток избија за време на Рамазан откако израелските сили извршија напади врз верниците во „Ал-Акса“. Додатна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложација на палестинските семејства од квартот Шејк Џарах.
Израелските сили од 10 мај извршуваат жестоки напади врз Газа, а со посредство на Египет на 21 мај е постигнат договор за прекин на огнот.