Meiramgul Kussainova
02 Февруари 2022•Ажурирај: 02 Февруари 2022
НУР СУЛТАН
Американскиот помошник-државен секретар за Јужна и Централна Азија, Доналд Лу, истакна дека прашањето за човековите права во Казахстан по јануарските настани треба да ги реши самата земја и дека должноста на Западот не е да дава лекции, туку да го поддржува Казахстан, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението од Претседателството на Казахстан, Јерџан Казихан, специјалниот претставник на претседателот Касим Џомерт Токаев за меѓународна соработка, присуствувал на семинарот „30 години од дипломатските односи меѓу САД и земјите од Каспискиот Регион“, организиран преку видеоконференција.
На семинарот говори имаа претставници од високо ниво на Азербејџан, Ерменија, Грузија, Киргистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан, како и заменик-државните секретари на САД, Доналд Лу и Карен Донфрид.
Во својот говор, Лу, осврнувајќи се на неодамнешните настани во Казахстан, рече: „Задачата на Западот не е да држи лекции, туку да го поддржува Казахстан, да му овозможи да ги реши прашањата за човековите права кои се појавија во јануари и да ги спроведе своите социјални, политички и економски реформи за да не се случуваат вакви инциденти во иднина.“
Казихан, наведувајќи ја решителноста на неговата земја за институционалната модернизација на политичко и економско поле по неодамнешните настани во Казахстан, рече дека како земји од Каспискиот Регион гледаат добри можности за практично учество со САД на голем број клучни прашања како што се борбата против тероризмот, транспортот, климатските промени и економските права на жените.