Lina Altawell
02 Февруари 2026•Ажурирај: 03 Февруари 2026
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, се очекува во наредните денови да пристигне во Израел на разговори за Иран и прекинот на огнот во Појасот Газа, објавија денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Јавниот сервис КАН соопшти дека Виткоф ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со други високи претставници, со цел да разговараат за преговорите на САД со Иран и за втората фаза од планот на Трамп за Газа.
Армиското радио, повикувајќи се на високи израелски официјални претставници, објави дека Виткоф треба да пристигне утре.
Според истиот извор, американскиот пратеник ќе оствари средби со Нетанјаху, министерот за одбрана Израел Кац и со високи воени претставници, меѓу кои и началникот на Генералштабот Ејал Замир.
Засега ниту Кабинетот на Нетанјаху, ниту американската администрација официјално не ја потврдија посетата ниту објавија конкретен датум.
Очекуваната посета доаѓа во период кога САД го зголемуваат своето воено присуство на Блискиот Исток, а Трамп упати закани за можна воена акција против Иран. Во исто време, арапските и регионалните напори, предводени од Турција, Саудиска Арабија, Катар и Египет, се насочени кон поттикнување преговори меѓу Вашингтон и Техеран и спречување поширок регионален конфликт.
Во Израел во последните денови расте загриженоста поради сигналите дека Вашингтон можеби ќе даде предност на политичко решение со Иран, наместо на воена опција. Израелските аналитичари наведуваат дека Тел Авив се залага за воена акција и дека секој евентуален договор меѓу САД и Иран треба да ги опфати не само нуклеарната програма на Техеран, туку и ракетните капацитети.
Според израелскиот „Канал 12“, Тел Авив го предупредил Вашингтон за, како што наведува, иранска „измама“.
Во извештајот се наведува дека Израел поставил три услови за прифатлив договор: Без нуклеарно оружје, без ракети и без поддршка за регионалните сојузници на Иран, вклучително и за јеменските Хуси, Хезболах во Либан и други проирански групи во регионот“.
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи вчера изрази уверување дека е можен договор со САД за нуклеарната програма на Иран, наведувајќи дека Вашингтон, во координација со регионалните земји, бара начин за обновување на преговорите.
Овие случувања се одвиваат во сенка на војната на Израел во Газа, во која од октомври 2023 година досега се убиени повеќе од 71.000 Палестинци, а над 171.000 се ранети.
Во истиот период, Израел спроведе и одделни воени операции во Либан, Сирија, Иран и Јемен, како и воздушен напад во Катар.