ВАШИНГТОН (АА) - Федералното обвинителство, кое е дел од американското Министерство за правда, соопшти дека по безбедносната загриженост која се најде на дневен ред по авионските несреќи во Индонезија и Етиопија, во кои се урнаа авиони од типот „Боинг 737 Макс“ („Boeing 737 Max“), до производителот на авионите, компанијата „Боинг“ („Boeing“), е упатено барање за преглед на документацијата на овој тип авион, од процесот на развој, па до неговото одобрување, пренесува Anadolu Agency (AA).
Официјален претставник од американското Министерство изјави дека обвинителите ќе спроведат истрага, со цел да утврдат дали причината за несреќите потекнува од производствениот процес или пак е недостаток во контролата, и затоа од „Боинг“ се побарани сите пораки и останати комуникациски содржини во меѓусебната коресподенција со Регулаторната агенција на американската Федерална администрација за цивилно воздухопловство (FAA), во врска со развојната фаза и процесот на одобрување на патничкиот авион од типот „737 Maкс“.
Во извештајот што го приложија француските инспектори за цивилно воздухопловство, вниманието го привлекува наводот дека „постои јасна сличност“ меѓу несреќите на авионот од типот „Б737 Maкс“ во Етиопија и Индонезија.
Денис Муиленбург, висок менаџер во „Боинг“ преку писмо им се обрати на авиокомпаниите, патниците и оние кои се поврзани со цивилното воздухопловство. Во писмото наведува дека ќе биде извршена софтверска надградба на програмата и сензорот за кој се сомневаат дека е причина за несреќите на авионите од типот „Б737 Maкс“, што се случија во Етиопија и во Индонезија во октомври минатата година, истакнувајќи дека за пилотите ќе подготват специјална програма за обука.
Муиленбург вели дека компанијата „Боинг“ ја дава својата целосна поддршка во истрагата за расветлување на причините што ја предизвикаа авионската несреќа во Етиопија, информирајќи дека мерките за кои станува збор, се безбедни и се со цел решавање на проблемот.
Авионот од типот „Б737 Maкс 8“ на „Етиопијан ерлајнс“ („Ethiopian Airlines“), на 10 март се урна кусо по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба на релацијата кон Најроби, главниот град на Кенија. Во несреќата животот го загубија 157 лица.
Авионот од типот „Б737 Maкс 8“ на индонезиската „Лајон ер“ („Lion Air“) на 29 октомври 2018 година се урна во морето кусо по полетувањето од аеродромот во Џакарта, на релацијата кон градот Пангкал Пинанг на островот Суматра. Во несреќата животот го загубија 189 лица. Тоа беше прва несреќа на авионот од типот „Боинг 737-8 Макс“.
- Постои сомневање дека причина за несреќата се сензорот и контролната програма -
„Боинг“, како одговор на европскиот конкурент „Ербас“ („Airbus“), чиј модел „A320 Нео“ („A320 Nео“) на средни дестинации користи поефикасно гориво, го разви моделот „737 Maкс“. Со цел авионскиот мотор да биде помоќен, во овој модел е вграден поголем мотор. За управување со новиот мотор, извршени се измени на трупот од авионот, поради што обновени се сензорите и програмата за контролата на летот при полетување и слетување на авионот. Споменатата програма, именувана како „закон за контрола“, е позната како систем кој во моменти кога е активен автоматскиот пилот, го оневозможува интервенирањето на пилотите.
Како една од можните причини за несреќите на авионите од типот „737-8 Maкс“ се наведува и оваа карактеристика на контролната програма која ја оневозможува контролата од страна на пилотот. Постои сомневање дека причина за уривањето на авионите може да бидат и погрешните сигнали што доаѓаат од сензорите.
И во двете несреќи, авионите во период од 6 до 12 минути по полетувањето, доживуваат проблем со надморската височина, по што паѓаат. Сето тоа на дневен ред го поставува сомнежот дека причина за уривањето на споменатите авиони може да биде техничка грешка во производствениот процес.
По несреќата во Индонезија беше истакнато дека е потребно пилотите многу повеќе да се информираат за оваа особина на моделот „737 Maкс“, по што на пилотите им беа одржани курсеви на оваа тема. Не е познато дали пилотите на „Етиопијан ерлајнс“ и „Лајон ер“ ги посетувале тие курсеви.
- Ембарго на „Б737 Maкс“ -
По авионска несреќа на авионот на „Етиопијан ерлајнс“, Северна Македонија, Турција, Сингапур, Кина, Етиопија, Индонезија, Австралија, Малезија, Оман, Британија, Германија, Франција, Холандија, Австрија, Европската Унија, Казахстан, Обединетите Арапски Емирати, Нов Зеланд, Фиџи, Индија, Хонг Конг, Либан, Косово, Бахреин, Египет, Тајланд, Молдавија, Канада, Сенегал, Нигерија, Узбекистан и Украина, привремено ги запреа летовите на авионите од типот „Боинг 737 Maкс“ и за овие авиони ги затворија своите воздушни простори.
„Туркиш ерлајнс“ имаше соопштено дека од својата флота ги повлекува авионите од типот „Б737 Maкс“, а Аргентина, Бразил, Индија, Мексико, Канада, Норвешка, Исланд и некои други авиокомпании, објавија слична одлука со која информираат дека ги повлекуваат споменатите авиони.
Како последен настан е соопштението на Федералната администрација за цивилно воздухопловство (FAA) на САД, која објави дека до следната наредба, во земјата се прекинуваат сите летови на авионите од типот „Боинг 737 Maкс 8“ и „Боинг 737 Maкс 9“.