Ömer Kılıç
16 Февруари 2017•Ажурирај: 16 Февруари 2017
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Властите на Ангола најавија затворање на образовните институции што дејствуваат во таа земја, а кои се поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
„Училиштето што под името Меѓународно училиште Есперанза (надеж) (Colegio Esperanza International) дејствува во Ангола како експозитура на ФЕТО, беше препознаено како закана за национална безбедност и ќе биде затворено“, се наведува во соопштението на Владата на јужноафриканската држава Ангола.
Станува збор за образовна установа со која раководи организацијата ФЕТО, а во која настава следат околу 750 ученици.
„Африка започна да ја препознава заканата од ФЕТО. ФЕТО е во паника бидејќи секој ден ТМВ презема сѐ поголем број училишта во Африка. Членовите на таа организација бегаат во различни земји и бараат азил. По неуспешниот јулски воен удар во Турција, африканските земји го сфатија ФЕТО како закана и за сопствената стабилност“, изјави Хасан Јавуз, челник на Турската фондација Маариф (ТМВ) за АА.
Јавуз истакна дека Африканската унија би требало да го стави ФЕТО на листата на терористички организации, и дека во тој правец веќе се преземени одредени иницијативи.
Јавуз исто така изјави дека терористичката организација ФЕТО продолжува да дејствува во светот и дека станува збор за организација што користи различни видови на заговор, предавство, перење пари и други криминални активности, што на крајот ја прави глобална закана.
Во 70-тите години на минатиот век, терористичката организација ФЕТО започна да ги инфилтрира своите припадници во безбедносните институции во Турција, за во 80-тите значително да ги зајакне своите паралелни структури во тие институции, и на крајот, на 15. јули минатата година го изврши неуспешниот обид за воен удар, со цел да го урне уставниот поредок и да ја собори демократски избраната турска власт.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во повеќе наврати ја нарече оваа терористичка организација карцином што метастазирал во сите институции на државното тело на Турција.
Под маската на хуманитарна работа и дејствување, ФЕТО своите активности ги спроведува во речиси сите делови на светот, со посредство на невладините организации, медиуми, образовни институции и слично. Турција води опсежна кампања за јакнење на глобалната свест за заканата што ја претставува ФЕТО, а чија цел е неутрализирање на сите елементи на таа организација во светот.