Beyza Binnur Dönmez
10 Декември 2021•Ажурирај: 12 Декември 2021
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) денеска ја добија жалбената постапка против одлуката со која се блокира екстрадицијата на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, јавува Агенција Анадолија (АА).
Високиот суд на правдата во Лондон ја поништи одлуката на понискиот суд донесена во јануари дека Асанж не може да биде екстрадиран поради загриженост за неговото ментално здравје.
Во пресудата, судот наведе дека „е задоволен“ што гаранциите дадени од САД се „доволни за да одговорат на гриженоста“ и затоа „ја одобрил жалбата“.
Случајот ќе се испрати назад во понискиот суд, Вестминстерскиот магистративен суд, за нова одлука. Страната која губи, има право на конечна жалба до Врховниот суд на Велика Британија.
Доколку биде екстрадиран во САД, Асанж ќе се соочи со едно обвинение за хакирање на компјутерите на американската Влада и 17 други точки од обвинението за кршење на Законот за шпионажа. Обвиненијата доаѓаат со потенцијална затворска казна од 175 години.
САД го обвинуваат Асанж за шпионажа откако Викиликс објави стотици илјади страници тајни владини документи, вклучувајќи дипломатски телеграми и воени досиеја. Најзначајно, Викиликс објави доверливи видеоснимки од американски хеликоптерски напад во Ирак во 2007 година, во кој загинаа десетина цивили, вклучително и двајца вработени на „Ројтерс“.
Асанж беше извлечен од Амбасадата на Еквадор во Лондон, каде што беше засолнет повеќе од седум години, во 2019 година. Британската полиција соопшти дека тој бил уапсен поради избегнување на кауција во 2012 година.
Тој беше прогласен за виновен за прекршување на условите за кауција во 2012 година, откако не им се предаде на безбедносните служби од Судот на Вестминстер и доби 50-неделна затворска казна, која ја избегна со бегство во дипломатската зграда на Еквадор.