?kipa
07 Јули 2019•Ажурирај: 08 Јули 2019
ИДЛИБ (АА) - Најмалку шестмина цивили загинаа, а 12 се ранети во воздушните напади изведени од страна на силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад во деескалациската зона во Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимските сили и ним лојалните ирански милитантни групи од утринава вршат напади врз села во подрачјето Хан Шејкун во покраината Идлиб и во дистриктот Латамине во покраината Хама, кои заедно ја сочинуваат деескалациската зона во североисточниот дел на Сирија.
Локалната Цивилна заштита „Бели шлемови“ соопшти дека според првичните информации во нападите се убиени најмалку шестмина, а 12 цивили се повредени.

Спасувачките екипи ги пребаруваат урнатините и стравуваат дека билансот на жртвите би можел да расте.
Во Идлиб, кое е упориште на сириската опозиција, живеат околу 4 милиони жители и интерно раселени лица кои се цел на постојани напади на режимот. Во нападите во изминатите три дена загинаа најмалку 25 цивили.
Со посредство на Турција и Русија во Сочи на 17 септември 2018 година постигнат е договор за примирје во Идлиб и воспоставување деескалациска зона за цивилите.
Согласно договорот, опозициските сили во октомври го повлекоа тешкото вооружување од регијата, додека силите лојални на Асадовиот режим не сопреа со артилериските и воздушните напади во таа регија.
Припадниците на Цивилната одбрана соопштија дека во нападите на режимските сили во изминатите два месеца убиени се речиси 500 цивили. Од септември минатата година и прогласувањето примирје во таа регија раселени се над половина милион луѓе.