Selen Temizer,Muhammed Shekh Yusuf
31 Октомври 2017•Ажурирај: 31 Октомври 2017
АСТАНА (АА) - На вториот и последен ден од седмиот круг од мировните преговори за Сирија, коишто се одржуваат во казахстанскиот главен град, Астана, продолжуваат интензивните преговори на страните, првенствено околу ослободувањето на затворениците, јавува Anadolu Agency (AA).
Билатералните и трилатералните средби меѓу претставниците на Турција, Русија, Иран, режимот на Башар ал Асад, вооружената опозиција, како и делегациите на САД, Јордан и на ОН, кои учествуваат како набљудувачи, се одржуваат во хотел во градот.
Според информациите добиени од извори од опозицијата, делегацијата на вооружената сириска опозиција, предводена од страна на Ахмед Бири, во утринските часови се сретнала со казахстанскиот министер за надворешни работи, Кајрат Абдрахманов, во просториите не неговиот кабинет.
Александар Лаврентиев, специјален претставник на рускиот претседател Владимир Путин за Сирија, во изјава за руските медиуми соопшти дека казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев попладне сака да се состане со земјите-гаранти.
- Состојбата на затворениците
Во минатиот круг од преговорите, Русија ѝ вети на опозициската делегација дека ќе го убеди режимот на Асад да ги пушти на слобода илјадниците затвореници.
На овој состанок, опозицијата очекува рускиот претставник Лаврентиев да го исполни своето ветување.
На 4 октомври, новинарите на АА во Хомс соопштија дека опозицијата за време на потпишувањето на примирјето постигнато во рамките на договорот за намалување на тензиите, им ја дала листата со имиња на 12.147 затвореници на руските посредници.
Според информациите добиени од извори кои учествувале на состанокот, страните продолжуваат со разговорите со цел да се создаде текстот на потенцијалниот договор во врска со размена на затворениците.
Режимот Асад сугерира наместо сите затвореници, да бидат ослободени само оние кои беа уапсени со судска одлука, под надзор на Црвената полумесечина.
Опозицијата бара да се ослободат сите затвореници под надзор на претставници на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.