Selen Temizer,Muhammed Shekh Yusuf
15 Мај 2018•Ажурирај: 15 Мај 2018
АСТАНА (АА) - Шефот на руската делегација во сириските мировни преговори во Астана, Александер Лаврентиев, изјави дека недоаѓањето на делегацијата на САД покажува дека Вашингтон се откажал од трагање по мирно решавање на кризата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Со билатералните состаноци во казахстанскиот главен град Астана вчера започна деветтиот круг сириски мировни преговори, а главниот состанок на кој ќе учестуваат сите страни се очекува денес.
Делегациите на земјите гаранти на процесот Турција, Русија и Иран вчера одржаа меѓусебни консултации, а исто така, во текот на вчерашниот ден во Астана допатува и делегацијата на сириската опозиција.
Делегацијата ја сочинуваат 24 претставници на опозициските групи од сите делови на Сирија, а шефот на делегацијата е поранешниот премиер на привремената сириска влада, Ахмет Тума.
Во попладневните часови ќе се одржи централен состанок на кој сирискиот режим и опозициските делегации ќе седнат на маса. Покрај делегацијата на земјите гаранти, во својство на набљудувач во преговорите ќе учествуваат и специјалниот претставник на Обединетите нации за Сирија, Стефан де Мистура, и делегацијата на Јордан.
Делегацијата на САД не се оповика на преговорите во Астана.
Шефот на руската делегација и специјалниот пратеник на рускиот претседател Владимир Путин, Александер Лаврентиев, синоќа изјави дека Вашингтон очигледно се откажал од давањето поддршка на меѓународните напори за решавање на кризата во Сирија по мировен пат.
Анализата на состојбата во прогласените зони без судир, ослободувањето на заробениците, доставувањето хуманитарна помош и активностите на комитетот за изработка на нов сириски устав се главни теми на деветтиот круг преговори во Астана.
Преговарачкиот процес во Астана го започнаа во јануари минатата година земјите гаранти на преговорите Турција, Русија и Иран, а последниот осми круг преговори е одржан во декември.