İlayda Çakırtekin
22 Јули 2025•Ажурирај: 23 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Раководството на АФП објави планови за евакуација на своите новинари кои работат во Газа, по предупредувањето од здружението на новинари за ризикот од глад поради тековната израелска блокада и воздушните напади, јавува Анадолу.
„Нивните животи се во опасност и затоа ги повикуваме израелските власти да дозволат нивна итна евакуација заедно со нивните семејства“, напиша раководството на француската новинска агенција на platformata X вчера, изразувајќи „длабока загриженост“ поради „ужасната ситуација со која се соочуваат нивните соработници во Појасот Газа“.
Потврдувајќи дека успеале да евакуираат осум членови на персоналот и нивните семејства од Газа во период помеѓу јануари и април 2024 година, АФП истакна дека ќе преземат исти чекори и за своите хонорарни соработници.
„Со месеци, беспомошно сме сведоци на драматичното влошување на нивните услови за живот. Нивната ситуација сега е неподнослива, и покрај нивната примерна храброст, професионална посветеност и отпорност“, се вели во соопштението.
Соопштението следуваше по предупредувањето издадено од здружението на новинари на АФП, СДЈ, за екстремниот недостиг на храна и ризикот од глад со кој се соочуваат новинарите во Газа.
„Откако АФП е основана во август 1944 година, губевме новинари во конфликти, имавме ранети и затвореници во нашите редови, но никој од нас не може да се сети да видел колега да почине од глад“, се вели во објавата на X од здружението.
Од 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа, при што е блокирано доставувањето храна, медицинска и хуманитарна помош.
Министерството за здравство на Газа во неделата соопшти дека од октомври 2023 година, кога Израел ја засили блокадата и го ограничи пристапот до хуманитарна помош, 86 Палестинци починале од глад и неисхранетост, меѓу кои 76 деца.