Ömer Aydın
02 Август 2018•Ажурирај: 04 Август 2018
ПАРИЗ (АА) - Ајфеловата кула, која е еден од симболите на Франција, ги затвори своите врати за посетителите поради штрајкот на вработените, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во писменото соопштение на компанијата која раководи со Ајфеловата кула, СЕТЕ, се наведува дека штрајкот кој започна вчера во вечерните часови, продолжува и денеска.
Според ова соопштение, картите за посета на Кулата се продаваат преку интернет и на нејзиниот влез, а вработените донеле одлука за штрајк со образложение дека е многу висок бројот на посетителите кои претходно ги зеле картите со закажан термин, па поради тоа се создавала голема турканица и долги редови од туристите.
Ајфеловата кула минатата година ја посетиле 6,2 милиони лица, и со тоа стана трета најпосетувана туристичка дестинација во Франција, по музејот „Лувр“ и палатата Версај.
Кулата е секој ден отворена од 09:00 до 00:45 часот, но во последно време, поради приоритетот на оние кои купиле карта преку интернет, се создава голем метеж, па поради тоа еден дел од лифтовите во Кулата се наменети само за овие лица.
Вработените велат дека оваа состојба предизвикува проблеми, и дека често се случуваат тензии меѓу вработените и посетителите.