Mohammad Sio
09 Јули 2026•Ажурирано: 09 Јули 2026
Бахреин денес по третпат ги активираше сирените за воздушна опасност поради можни ирански напади, соопшти Министерството за внатрешни работи, јавува Анадолу.
Во соопштението, Министерството ги повика граѓаните и жителите да останат смирени и да се упатат кон најблиското безбедно место.
Претходно денес одбранбените сили на Бахреин соопштија дека нивните системи за противвоздушна одбрана пресретнале и уништиле неколку ирански воздушни закани.
Најновото предупредување доаѓа во услови на ескалација на воените размени меѓу Иран и САД втор ден по ред.
Иранските државни медиуми претходно денес објавија дека Техеран со беспилотни летала ја нападнал американската воена инфраструктура во Бахреин, Кувајт и Катар, додека властите во Бахреин во повеќе наврати ги активираа сирените за тревога и соопштија за пресретнување на воздушни закани.
Американската централна команда соопшти дека американските сили извршиле дополнителни напади врз Иран за додатно да ги намалат капацитетите на Техеран да го загрозува непреченото пловење низ Ормускиот Теснец.
Иран и САД на 17 јуни постигнаа Меморандум за разбирање, со посредство на Пакистан, насочен кон ставање крај на воениот конфликт и отворање пат кон договор за траен мир.
Сепак, вчера, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Меморандумот е „завршена приказна“, со што практично го раскина договорот и предизвика нов круг воена конфронтација.