Servet Günerigök
24 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден вети дека Соединетите Американски Држави (САД) ќе воведат повеќе санкции кон Русија поради нејзината воена интервенција во Украина, нагласувајќи дека рускиот претседател Владимир Путин ја избрал оваа војна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна и сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците“, рече Бајден во своето обраќање во Белата куќа и додаде дека „делегира дополнителни силни санкции и нови ограничувања за она што може да се извезува во Русија. "
„Ова сериозно ќе ја чини руската економија, моментално и со текот на времето. Овие санкции ги осмисливме за да го максимизираме долгорочното влијание врз Русија и да го минимизираме влијанието врз САД и врз нашите сојузници“, додаде Бајден.
Санкциите најавени денес вклучуваат ограничување на Русија да тргува во долари, евра, фунти и јени како дел од глобалната економија, запирање на нејзините можности за финансирање и унапредување на руската војска, нарушување на способноста на Москва да се натпреварува во економијата на високата технологија на 21. век и санкционирање на уште четири банки, меѓу кои е и втората по големина банка во Русија.
На прашањето за односите меѓу САД и Русија, Бајден одговори: „Во моментов има целосен прекин во американско-руските односи“. Додаде дека не планира да разговара со Путин среде интервенцијата.
Путин рано утрово објави дека Русија започнува воена интервенција во Украина, неколку дена откако ја призна независноста на два региона во источна Украина, што предизвика меѓународна осуда и најава за остри санкции кон Москва.
Во последните недели, американските власти ја обвинија Русија дека има распоредено над 150.000 војници близу границата со Украина со цел да изврши воен напад, но Москва континуирано негираше дека има каква било намера да изврши инвазија.