Burak Bir
24 Август 2022•Ажурирај: 25 Август 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска најави нова помош во оружје и одбрана за Украина во вредност од околу 2,98 милијарди долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Горд сум што можам да ја објавам нашата најголема транша безбедносна помош досега: околу 2,98 милијарди долари во оружје и опрема ќе бидат обезбедени преку Иницијативата за безбедносна помош на Украина“, рече Бајден.
Тој му го честиташе на украинскиот народ Денот на независноста, кој се слави на 24 август, и се осврна на „исклучителната храброст и посветеност на слободата“ против војната што Русија ја започна.
„Денес не е само ден за славење на минатото, туку и потврда дека Украина со гордост останува и ќе остане суверена и независна нација“, рече тој.
Потсетувајќи на ветувањето на САД за поддршка на Украинците во нивната борба за одбрана на земјата, американскиот претседател најави нова воена помош, вредна околу 2,98 милијарди долари.
„Ова ќе ѝ овозможи на Украина да се здобие со системи за противвоздушна одбрана, артилериски системи и муниција, беспилотни летала и радари за да се осигура дека ќе може да продолжи да ја брани својата земја долгорочно“, рече Бајден.