свет

Бајден оптимист за договорот за прекин на огнот во Газа

Бајден рече дека никој на Блискиот Исток „не треба да преземе активности за да го поткопа овој процес“

Diyar Güldoğan  | 17.08.2024 - Обновена : 17.08.2024
Бајден оптимист за договорот за прекин на огнот во Газа

ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е „оптимист“ за договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, јавува Анадолу.

„Од пред еден час, сè уште е во игра. Јас сум оптимист. Не, тоа е далеку од завршено. Само уште неколку прашања. Мислам дека имаме шанса“, им рече Бајден на новинарите на прашањето за преговорите.

„Тоа останува да се види“, рече Бајден откако му беше поставено прашање за тоа кога ќе започне прекинот на огнот.

Бајден претходно рече дека никој на Блискиот Исток „не треба да преземе активности за да го поткопа овој процес“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денес патува за Израел за да ги продолжи напорите за склучување договор за прекин на огнот кој вклучува размена на израелските заложници и палестинските затвореници.

Посетата доаѓа откако САД, Египет и Катар вчера објавија дека им претставиле на Израел и на Хамас, како што го нарекоа „премостувачки предлог“ за дополнително намалување на „преостанатите јазови на начин што овозможува брзо спроведување на договорот“.

Во соопштението на САД, Египет и Катар се опишани преговорите, кои се водеа во текот на два дена во катарската престолнина Доха, како „сериозни и конструктивни“, додавајќи дека тие се „водени во позитивна атмосфера“.

Посредниците не дадоа детали за новиот предлог, туку рекоа дека тој е „во согласност со принципите поставени од претседателот Бајден на 31 мај 2024 година и резолуцијата бр. 2735 на Советот за безбедност“.

Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност го поздрави предлогот изнесен од Бајден.

Во соопштението, исто така, се истакнува дека високи претставници од трите земји „ќе се состанат повторно во Каиро пред крајот на следната недела со цел да се склучи договорот според условите што претставени денес“.

Во преговорите беа вклучени директорот на ЦИА, Вилијам Барнс, катарскиот премиер Мухамед бин Абдулрахман Ал Тани, шефот на египетското разузнавање Абас Камел и директорот на израелски Мосад Дејвид Барнеа.

Хамас одби да учествува во последните преговори, барајќи Тел Авив да се држи до договорите што се постигнати во јули врз основа на предлогот поддржан од Бајден пред два месеци, јавија медиумите.

Над 40.000 Палестинци се убиени од почетокот на нападот на Израел во Газа минатиот октомври, најголем дел од нив жени и деца.

Огромни делови од крајбрежната територија се целосно срамнети со земја поради немилосрдното израелско бомбардирање.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.