Израелскиот министер за безбедност Бен-Гвир се заканува дека ќе ја напушти Владата ако се одобри договорот за Газа
„Доколку договорот биде одобрен, со тешко срце ќе ја напуштиме Владата“, изјави Бен-Гвир
КУДС (ЕРУСАЛИМ) (АА) - Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, денеска го повтори своето противење на предложениот договор за размена на затвореници и прекин на огнот во Газа, истакнувајќи дека министрите од неговата партија ќе поднесат оставка од Владата доколку договорот биде одобрен, јавува Анадолу.
„Доколку договорот биде одобрен, со тешко срце ќе ја напуштиме Владата“, изјави Бен-Гвир во соопштение.
„Го сакам премиерот Бенјамин Нетанјаху и ќе осигурам тој да остане на функцијата, но ќе заминам бидејќи потпишаниот договор е катастрофален“, додаде тој.
Бен-Гвир го критикуваше договорот, тврдејќи дека тој ќе ги „ослаби“ одбранбените способности на Израел покрај границата со Египет (коридорот Филаделфи) и на други стратешки локации, оценувајќи дека ќе ги „поништи успесите од војната“.
„Ако војната продолжи, ќе се вратиме во Владата“, изјави Бен-Гвир, нагласувајќи дека нема да ја урнат оваа влада и ќе ја поддржуваат однадвор, но нема да бидат партнери во поразителен договор.
Партијата на Бен-Гвир, Оцма Јехудит, располага со шест места во израелскиот Кнесет од 120 членови и три министерски позиции во проширената Влада.
Како единствен претставник на својата партија во Советот за национална безбедност, неговата оставка нема значително да влијае на изгледите за усвојување на договорот, имајќи предвид дека мнозинството во Советот и пошироката Влада го поддржуваат.
Катар во средата објави договор за прекин на огнот во три фази, со која ќе се стави крај на над 15-месечните смртоносни израелски напади врз Појасот Газа.
Прекинот на огнот е планиран да започне в недела.
Според локалните здравствени власти, од 7 октомври 2023 година, во војната на Израел против Газа загинаа речиси 46.800 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 110.000 се ранети.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел исто така се соочува со тужба за геноцид во Меѓународниот суд на правдата за својата војна против оваа енклава.