Michael Gabriel Hernandez
18 Март 2022•Ажурирај: 19 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека се согласува со американскиот претседател Џо Бајден дека Русија врши воени злосторства во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Блинкен рече дека Русија неодамна ги интензивирала нападите против Украина „со цел да се скрши волјата на луѓето“ и дека тој лично смета дека воените злосторства во Украина се извршуваат врз основа на разорувањето што е направено во текот на тринеделната воена операција на Кремљ.
Шефот на дипломатијата на САД рече дека тие продолжуваат да документираат докази за потенцијални воени злосторства за да може да се донесе формална потврда и „да бидеме сигурни дека нашите наоди ќе им помогнат на меѓународните напори да се истражат воените злосторства и да се повикаат извршителите на одговорност“.
Амбасадорката за глобално кривично правосудство, Бет Ван Шаак, ги предводи напорите на Стејт департментот.
Војната на Русија против Украина, која започна на 24 февруари, наиде на меѓународна осуда, доведе до финансиски санкции кон Москва и поттикна истапување на светски фирми од Русија.
Најмалку 780 цивили загинаа, а 1.252 се повредени во Украина од почетокот на војната.
Повеќе од 3 милиони бегалци заминаа во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.