Recep Şakar
13 Ноември 2017•Ажурирај: 14 Ноември 2017
МАНИЛА (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, изјави дека средбата со неговиот филипински колега Родриго Дутерте поминала многу успешно, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп се состана со Дутерте во Манила, каде што се одржува 31. Самит на лидерите од Асоцијацијата на нации во Југоисточна Азија (ASEAN).
Двајцата лидери по состанокот кажаа дека средбата поминала многу добро.
Американскиот претседател изрази задоволство што се наоѓа на Филипините.
„Имаме многу добри односи, помина успешно. Денеска имавме повеќе средби и со други лидери. Филипинците и претседателот многу добро ги организирале состаноците во рамките на АСЕАН. Мило ми е што сум тука“, изјави Трамп.
Сепак, Трамп не одговори на прашањата на новинарите дали со Дутерте зборувале за кршењето на човековите права и за погубувањата без судење во текот на борбата против дрогата на Филипините.
Дутерте за локалните медиуми, по првата средба со Трамп во Виетнам, изјави дека на Филипините нема погубувања без судење, како што се тврди, и дека поради тоа не верува оти тоа ќе биде тема на состанокот со американскиот колега.
Сé уште не е познато ниту дали е разговарано за правецот во кој се движат односите меѓу двете земји.