Gözde Bayar
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
РИМ
Европската Унија треба да ја поддржи Турција за згрижувањето на над 4 милиони бегалци, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жозеп Борел ја даде оваа изјава по посетата на Командниот центар на операцијата „Ирини“, иницијативата на ЕУ за спроведување на ембаргото за оружје на ОН за Либија.
Во врска со Договорот за бегалците меѓу ЕУ и Турција, Борел рече дека е запрена илегалната миграција и дека многу животи се спасени благодарение на договорот.
„Овој договор сè уште е валиден и неговата имплементација треба да продолжи“, додаде тој.
Нагласувајќи дека Турција згрижи повеќе од 4 милиони бегалци, тој рече дека ЕУ треба да го олесни товарот на земјата.
„Поголемиот дел од финансирањето на ЕУ во рамките на овој договор оди директно за мигрантите, а не за турската Влада“, истакна шефот на европската дипломатија.
Претходно, Борел се состана со италијанскиот министер за надворешни работи, Луиџи Ди Мајо, и одржа прес-конференција.
„За Турција, исто така, имаме моментум, добар моментум, по нејзините прелиминарни разговори со Грција“, рече Борел.
„Ќе презентирам извештај пред лидерите на Европската Унија, во кој ќе ги претставам тековните трендови и ќе предложам начин за консолидирање на конструктивен став, а истовремено и за подготвеност за преземање мерки, доколку е потребно“, нагласи тој.
Борел и Мајо ќе разговараат за извештајот со други колеги од Европската Унија за време на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, што ќе се одржи в понеделник.
Турција е клучна транзитна рута за мигрантите кои сакаат да преминат во Европа за да започнат нов живот, особено оние кои бегаат од војна и прогон.
Турција е домаќин на речиси 4 милиони бегалци, повеќе од која било друга земја во светот. Анкара нагласи дека досега потрошила над 40 милијарди долари од сопствени ресурси за бегалците и истакна дека ЕУ треба да стори повеќе за да го подели товарот со Турција.