Elena Teslova
18 Март 2021•Ажурирај: 19 Март 2021
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека му посакува добро здравје на американскиот колега Џо Бајден, од кого вчера беше наречен убиец и доби закани дека ќе ја плати цената за мешањето во американските избори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Што се однесува до мојот одговор на изјавите на мојот американски колега би му кажал да биде здрав. Му посакувам добро здравје“, изјави Путин за време на видео-конференцијата во Москва.
Путин рече дека постои стара поговорка со силен психолошки момент која вели дека човекот најдобро се опишува себеси додека говори за друг.
„Оценувањето на другите држави, нации или поединци е како гледање во огледало“, порача Путин.
Рускиот претседател, исто така, изјави дека рускиот генетски код е поразличен од генетскиот код на американските владејачки класи кои внатрешните и надворешните проблеми ги решаваат со гласно обвинување на другите држави.
Тој изјави дека естаблишментот на САД има специфичен менталитет кој е формиран во тешки услови и често поврзани со геноцид над локалното население.
„Афроамериканците сè до денес се соочени со неправда и истребување. Тоа трае низ историјата и денес во САД, од каде што потекнува и движењето Животите на црномурестите луѓе се важни“, изјави Путин.
Тој нагласи дека САД се единствена држава во светот која користела нуклеарни бомби против друга држава која нема такво оружје.
„Во тоа немаше никаква воена смисла. Тоа беше директно истребување на цивилното население“, изјави Путин.
Коментирајќи ги актуелните руско-американски односи, Путин изјави дека Вашингтон сака да ги креира по сопствени услови, но дека Москва ги брани своите интереси и заговара сопствени услови за соработка.
„Мора да се почитуваат руските интереси. Мора тоа да се земе предвид, без оглед на обидите да се запре нашиот развој и покрај санкциите и навредите“, порача Путин.