Ekipa
15 Септември 2019•Ажурирај: 15 Септември 2019
РИО ДЕ ЖАНЕИРО
Полициските експерти објавија дека во пожар во болница во Рио де Жанеиро, кој бил предизвикан од експлозија на генератор во подрумските простории на објектот, загинале 11 луѓе, пренесува Anadolu Agency (AA).
Првичните резултати на истрагата се објавени вчера, и покрај потешкотиите со кои се соочија полициските експерти при пристапот во подрумот на болницата „Бадим“, поради водата што ја исполнила просторијата и слабата видливост. Полицијата сѐ уште ја истражува причината поради која дошло до експлозија.
Пожарот започна во четвртокот навечер и се проширил низ болницата, што го натерало персоналот со колички да ги изведе пациентите на улица. Поголемиот дел од 11-те починати се стари лица. Жртвите главно умреле од задушување од дим кој ги исполнил болничките одделенија, а некои починале кога поради пожарот престанале да работат апаратите што ги одржувале во живот.
Болницата е оддалечена неколку минути пеш од стадионот „Маракана“, на кој се играа натпреварите од Светското фудбалско првенство во фудбал 2014 година и Олимписките игри во Рио де Жанеиро во 2016 година.