Yusuf Hatip
14 Јуни 2017•Ажурирај: 15 Јуни 2017
ИСЛАМАБАД (АА) - ЈУСУФ ХАТИП - Британката Гуфран Курејши веќе 20 години откако го прифатила исламот, се грижи за сираците во три дома за деца без родители што таа ги отворила во Пакистан, пишува Anadolu Agency (AA).
Приказната на Курејши започнува кога во 1976 година, во Британија се вљубила во Пакистанецот Мухаммед Ахмед Курејши и се омажила за него.
Поради предрасудите на семејството на Гуфран кон исламот, кои инаку се католици од Лондон, стапувањето во брак со муслиман од Пакистан не било прифатено.
Откако кратко време работела во едно сиропиталиште во В. Британија, Курејши дала оставка од работното место протестирајќи против оваа институција бидејќи на муслиманските деца не им била послужувана халал храна.
Курејши во 1992 година, заедно со својот сопруг се преселиле во Пакистан. Тука основала сиропиталиште со цел да го реализира проектот за сираците и во една чиста средина да ги едуцира за исламските и за модерните науки.
Таа првото сиропиталиште го отворила во градот Равалпинди, а потоа во градовите Карачи и во Ханибал, каде што се грижи за 500 момчиња и девојчиња без родители.
- „Целта ми е да обезбедам квалитетно образование на овие деца“ -
„Основната цел на активностите што ги вршиме со мојот сопруг е да обезбедам квалитетно образование и основно познавање на исламот за овие деца. Кога децата ќе пораснат на овој начин во нашите сиропиталишта, ќе можат да стојат на свои нозе“, истакна Курејши во разговор за АА.
„Не им давам само едукација на децата, истовремено им давам поддршка за да ги откријат своите способности. Некои од нашите девојчиња можат дури и да сошијат фустан, како шивачка. Исто така, се обидувам да им помогнам да се стекнат со секаков вид на способности коишто во иднина ќе им бидат од корист, како користење на компјутер“, нагласува Курејши.
Таа раскажува како се родила нејзината желба за грижа за младите и за децата без родители:
„Пред да се преселиме тука, честопати ја посетувавме земјата бидејќи мојот сопруг е од Пакистан. Видов деца што просат на улица, деца што ги миеја прозорците на возилата на семафорите. Кога прашав за нив, добив одговор 'тие немаат никого'. Оваа ситуација длабоко ме повреди и тогаш му реков на мојот сопруг да даде оставка од работа и да се преселиме во Пакистан. На овој начин, колку-толку ќе им помогнеме на овие деца“.
Како што вели Курејши, два месеца подоцна се преселиле во пакистанскиот град Равалпинди, и куќата што ја изнајмиле ја претвориле во сиропиталиште. „Температурите се многу високи. Поради проблемот со електричната енергија, која често имаше прекин, како и другите тешкотии, одлучивме да се преселиме во градот Мари, во близина на главниот град Исламабад“, истакна Курејши, и вели дека не ѝ било лесно да се навикне на една нова околина.
- „Ако гледа дека давате, Бог ќе ви даде уште повеќе“ -
„Јас верувам во принципот 'Ако гледа дека давате, Бог ќе ви даде уште повеќе'. Бог секогаш ќе ви помогне ако имате чиста намера и одите по вистинскиот пат“, вели Курејши, истакнувајќи дека грижењето за сираците за неа има големо значење.
Курејши вели дека омажила десетици девојчиња кои живееле во нејзините сиропиталишта, и дека некои од нив сега одат на универзитет. „За мене, најголемиот извор на радост е кога ќе ги видам резултатите од моите напори“, истакна Курејши.
„Сѐ додека сум жива, ќе продолжам да им помагам на децата без родители. Мојата основна цел е да ги образувам овие деца. Но, колку што е важно образованието, толку значајно е и стекнувањето со добро однесување, како и реинтегрирањето во општеството“, додаде таа.