Zuhal Demirci
08 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Британската кралица Елизабета Втора се држи под медицински надзор поради загриженост за нејзиното здравје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„По деталната проценка утрово, лекарите на кралицата се загрижени за здравјето на Нејзиното Височество и ја советуваа да остане под медицински надзор. Кралицата е спокојна и останува во Балморал“, се вели во соопштението на Бакингемската палата.
Се нагласува дека семејството на кралицата е информирано за нејзината здравствена состојба.
Премиерка на Британија, Лиз Трас, на својот профил на Твитер напиша: „Целата земја со длабока загриженост попладнево ќе ги очекува вестите од Бакингемската палата. Моите мисли и мислите на граѓаните на Велика Британија се со кралицата и нејзиното семејство во моментов.“
Кралицата Елизабета (96) од минатата есен има проблеми со движењето и редовно користи бастун.
Кралицата Елизабета Втора поради здравствени проблеми не можеше да присуствува на различни настани како што се отворањето на Парламентот и прославите на 70-годишнината од нејзиното стапување на престолот (Платинумска годишнина).