Tayfun Salcı
02 Јануари 2017•Ажурирај: 03 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) – Терористичките напади во Истанбул заземаа голем простор во британскиот печат. Некои весници преку колумни упатија апел до Западот да застане на страната на Турција во нејзината борба против терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Во воведниот текст на весникот „Тајмс“ пишува дека Турција плаќа голема цена во борбата против ДЕАШ: „Турција е важен сојузник. Во ова трагично време има потреба од симпатиите на Западот и неговата помош“, се вели во написот.
Во текстот се укажува на можноста дека нападот од новогодишната ноќ е поврзан со заедничкото донесување на прекин на огнот на Турција и Русија во Сирија.
„Во овој критичен пресврт, Западот треба да ѝ понуди целосна поддршка на Турција. Првиот знак на поддршка ќе биде ако Западот сподели со Турција каква било разузнавачка информација што ја поседува во врска со ДЕАШ или некоја друга терористичка група, која е надвор од договорот за прекин на огнот“, се вели понатаму во текстот.
Колумнистот на весникот „Индепендент“, Симон Калдер нагласува дека најзагрозен сектор од терористичките напади во Турција е туризмот, а според него, откажувањето на туристите да ја посетат државата поради напади, ја исполнува целта на тероризмот.
Тој вели дека со нетрпение чека во најкраток временски период повторно да ја посети Турција. „Најдобар начин за спротивставување на случајното насилство е да не ги менуваме нашите вообичаени однесувања, со што даваме до знаење дека тероризмот нема да може да стигне до својата цел“.
Кадлер пишува дека е мал ризикот што би можел да произлезе при заминувањето на одмор во Турција, односно: „Поголем е ризикот од сообраќајни несреќи отколку од напад од вооружено лице или терористички напад. Оваа голема држава има гостопримлив народ, богато наследство, одлична кујна и прекрасни плажи. Меѓутоа, стравот може да ги однесе во друг правец милионите британски семејства, кои деновиве се во потрага по дестинација за својот сончев одмор“.