Hasan Esen
03 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
ГЛАЗГОВ (АА) - Британскиот премиер Борис Џонсон рече дека е постигнат одреден напредок на 26. конференција на Обединетите Нации (ОН) за климатските промени (КОП26), која на едно место собра многу светски лидери и илјадници делегати во Глазгов, Шкотска, јавува Агенција Анадолија (АА).
По Самитот на лидери одржан во рамките на конференцијата, Џонсон наведе дека се преземени најголемите финансиски обврски против климатските промени.
Тој напомена дека 90 проценти од светот, вклучително и Индија, постигнале нето нула емисија на јаглерод диоксид.
„Ќе продолжиме да работиме со светските лидери за што поскоро да ја достигнеме нула нето стапка. Пред нас е сѐ уште долг пат. Внимателно сум оптимист“, рече Џонсон.
Истакнувајќи дека по дводневните разговори е постигнат одреден напредок, Џонсон нагласи дека милијарди долари се доделени за поддршка на земјите во развој за да им се помогне да ги исполнат своите цели во поглед на емисиите.
Британскиот премиер изјави дека часовникот и понатаму отчукува.
„Светските лидери можеби заминуваат, но очите на светот ќе бидат насочени во нашите преговарачи“, рече Џонсон
Повеќе од 100 светски лидери доцна вечерта во понеделникот потпишаа декларација со која ветуваат дека до 2030 година ќе ги запрат и сменат трендовите за уништување на шумите и деградација на почвата.
Според договорот, 12 земји исто така се обврзаа дека ќе обезбедат 12 милијарди долари јавни средства помеѓу 2021 и 2025 година за заштита и обнова на шумите, а дополнителни 7,2 милијарди долари ќе обезбедат приватните инвеститори.
Повеќе од 25.000 делегати од 200 земји се наоѓаат на конференцијата во Глазгов која ќе трае до 12 ноември, со бројни панели, состаноци и случувања, а сите ќе бараат решенија за намалување на нивото на глобалното затоплување.