Büşra Selvi Öğütcen
21 Јули 2021•Ажурирај: 22 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Најмалку 18 лица го загубија животот во поплавите предизвикани од обилните дождови во областа Хенан во Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на „Саут Чајна морнинг пост“ (South China Morning Post), поплавата, до која дошло поради обилните дождови во Хенан, предизвикала загуба на човечки животи.
Тимовите за пребарување и спасување досега ги најдоа телата на 18 лица, додека 100.000 лица беа принудени да се евакуираат во безбедни области.
Поради катастрофата раселени се 200.000 луѓе.
Соопштено е дека 12 од оние што го загубија животот биле од Џенгџоу, главниот град на Хенан.
Во писмената изјава од локалната власт во Џенгџоу се наведува дека ставањето под контрола на поплавата е многу тешко, а нивото на катастрофата е опишано како „извонредно високо“.
Во Хенан се излеаја вкупно 46 реки. Поради обилните дождови се случија прекини на електричната енергија и водата, а исто така има пречки во транспортот во многу региони.
- Најобилни врнежи од дожд во последните 60 години
Во изјавата дадена од Институтот за метеорологија во Џенгџоу се нагласува дека во градот се забележани 617 милиметри дожд во период од 3 дена, што се најобилни врнежи во последните 60 години.
Од друга страна, во градот Келн, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија за еден ден паднаа 154 милиметри дожд, и исто така се доживеани катастрофи од поплавите. Во Џенгџоу за само еден час се регистрирани 209 милиметри дожд.
Според вестите на Агенцијата „Синхуа“, поплавите оштетиле повеќе од 9 илјади хектари земјоделско земјиште и предизвикале економски загуби од 11,3 милиони долари.
- Снимките од поплавата го открија обемот на катастрофата
На снимките што се објавуваат на социјалните мрежи се гледа дека надојдените води во автобусите се издигнале над седиштата и го надминале нивото на градите на патниците кои чекаат да бидат спасени.
Моментите кога луѓето заробени во метрото се спасени од тунелот во метрото, се снимени и на камерите на мобилните телефони.
На снимките што се снимени во некои метро станици, забележани се и мртви тела. Исто така се гледа како луѓето во паника брзаат да излезат надвор од метро тунелите.
Патиштата во Џенгџоу претворени се во езеро. Некои луѓе се качени врз возилата и чекаат да бидат спасени.
Исто така, на инсертите се гледа како во Џенгџоу случаен минувач притрчува на помош на мајка и нејзините две деца, кои паднале во јама исполнета со кал. Оваа личност ги спасува мајката и нејзините деца подавајќи им го својот чадор.
Силниот дожд, што паѓа во провинцијата Хенан во одредени интервали од 17 јули, вчера предизвика поплави.
Подземната метро мрежа во Џенгџоу беше поплавена. Како резултат на тоа голем број патници беа блокирани.