Ekip
21 Јули 2021•Ажурирај: 22 Јули 2021
ДАКА (АА) - Повеќе од 60 импровизирани шатори на бегалците Рохинџи во камп во јужниот дел на Бангладеш, во областа Кокс Базар, се оштетени во пожар синоќа, според Рохинџите и официјални извори, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Првенствено дознавме дека пожарот е предизвикан од плинска боца за готвење во шатор на Рохинџите и се проширил на соседните засолништа“, изјави за АА, Шах Резуван Хајат, комесар за помош на бегалците во Бангладеш.
Пожарот избувна во блокот Б од кампот број 9 во бегалскиот камп „Балухали“.
Хајат потврди дека повеќе од 20 шатори на Рохинџите се оштетени од пожарот, а дека еден Рохинџа е полесно повреден и е примен во болница.
Тој додаде дека оштетените шатори ќе бидат заменети во најкус можен рок.
Во меѓувреме, повикувајќи се на Рохинџа од еден камп, локалниот весник „Протом ало“ објави дека 63 живеалишта на Рохинџите биле изгорени до пепел во пожарот.
„Најмалку 4-5 Рохинџи беа повредени при обид да се контролира пожарот“, се вели во извештајот, додавајќи дека некои деца се водат како исчезнати.
Во големиот пожар во најголемиот светски камп на Рохинџите на 22 март годинава загинаа најмалку 15 припадници на заедницата. Во тој инцидент, повеќе од 10.000 колиби беа изгорени до земја, заедно со логорската турска болница.
Во друг пожар загинаа тројца Рохинџи и беа оштетени седум продавници на пазарот во кампот на 2 април, додека четири шатори, вклучително и исламска медреса, беа изгорени на 12 април.
Во средината на јануари, смртоносен пожар уништи над 500 колиби на Рохинџите. Десетици други помали пожари избувнаа и во камповите на Рохинџите во последните неколку години.
Повеќе од 1,1 милион Рохинџи, кои претежно избегаа од бруталната воена акција во Аракан на нивната родна земја Мјанмар во август 2017 година, живеат во импровизираните логори во Бангладеш.