Burak Dağ
11 Октомври 2022•Ажурирај: 12 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Бројот на загинати во новите руски ракетирања во Украина се искачи на 19, соопшти денес службата за итни случаи на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на повредени од руското ракетирање, кое започна вчера, се искачи на 105, се наведува во соопштението на Државната служба за вонредни состојби на Украина.
„Како резултат на нападите, вчера беа погодени објекти од критичната и цивилна инфраструктура во 12 региони и во градот Киев, каде избувнаа над 30 пожари, кои беа изгаснати од Државната служба за вонредни состојби“, се додава.
Обновено е и снабдувањето со електрична енергија на 3.571 населено место во регионите Полтава, Суми, Тернопил, Лавов, Киев и Хмелницки, додека без електрична енергија останале 301 населба во Киев, Лавов, Суми, Тернопил и Хмелницки.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана доцна синоќа изјави дека сите таргетирани цели во Украина, меѓу кои воената команда, комуникациите и енергетските објекти, биле погодени со високопрецизно оружје.
Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нападите биле одговор на експлозиите на Керченскиот мост, кој го поврзува полуостровот Крим со Русија, и други „терористички напади“.
Но, украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба истакна дека Путин не бил испровоциран од нападот на мостот, бидејќи „Русија постојано ја напаѓа Украина со проектили“.
„Путин е очаен поради поразите на бојното поле и користи терор со ракети со цел да се обиде да го промени темпото на војната во своја полза“, напиша Кулеба на Твитер.
Последните напади беа осудени од украинските и западните официјални претставници, кои ветија континуирана поддршка за Киев.
Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во Украина во февруари. Во последните недели, украинските сили започнаа контраофанзива, додека Москва мобилизира повеќе резервисти и анектира четири украински региони кон Русија по одржаните „лажни“ референдуми.