Fuat Kabakçı
08 Февруари 2018•Ажурирај: 09 Февруари 2018
ПЕКИНГ (АА) - Земјотресот што го потресе источниот брег на островот Тајван со интензитет од 6 степени досега одзеде 9 животи, а 270 лица се повредени, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави Централната новинската агенција (CNA) во Тајван, бројката на загинати од земјотресот во Хуанлиен изнесува 9, додека 270 лица се повредени. Бројката на исчезнати се намали на 8 лица.
Четворица од загинатите и петмина од исчезнатите потекнуваат од Кина, додека од останатите исчезнати лица, двајца се Канаѓани и еден државјанин на Филипини.
Како поддршка во операциите за спасување на настраданите од земјотресот, Јапонија испрати експертска екипа на терен.
Канцеларијата на Центарот за метеорологија на Тајван соопшти дека епицентарот на земјотресот со интензитет од 6 степени се случил на 18,3 километри североисточно од градот Хуанлиен, на длабочина од 10,6 километри.
Центарот за раководење со итни операции на Хуанлиен, соопшти дека земјотресот предизвикал оштетувања на голем број згради, мостови и патишта во подрачјето. Од безбедносни причини, во градовите што се наоѓаат во близина на Хуанлиен, е намалена брзината на возовите во метро-линиите. Во Хуанлиен е прекината наставата во образованието, а работните места се затворени.
Вчера градот Хуанлиен го посети Цаи Јинг Вен, претседателката на Тајван. Таа упати апел до припадниците на војската и до сите административни единици и персонал коишто учествуваат во спасувачката операција да вложат максимални напори за да ги пронајдат сите лица заробени под урнатините предизвикани од земјотресот. Таа додаде дека сите субјекти ќе бидат мобилизирани со цел да се задоволат потребите на жртвите од катастрофата и на локалната самоуправа.
Американскиот геолошки завод (УСГС) соопшти дека земјотресот во Тајван бил со интензитет од 6,4 степени.
Тајван во 1999 година го погоди земјотрес со интензитет од 7,6 степени. Во таа природна катастрофа животот го загубија повеќе од 2.300 лица.