Ekipa
20 Април 2016•Ажурирај: 20 Април 2016
MОНТЕКРИСТО (АА) - Нов земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди Еквадор неколку дена по катастрофалниот земјотрес во кој според официјалните податоци, загинаа повеќе од 500 луѓе, објави Геолошката служба на САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
Засега нема информации и извештај за нови жртви и материјални штети.
Официјални претставници од Еквадор изјавија дека, според најновите податоци, бројот на жртвите во катастрофалниот земјотрес во саботата достигна 525, а најмалку 200 лица се водат за исчезнати. Министерството за одбрана на Еквадор, изјави дека меѓу загинатите има и 11 странци.
Од друга страна сè повеќе спасувачки екипи од повеќе земји доаѓаат во Еквадор за да помогнат во спасување на повредените жители по земјотресот.
Катастрофалниот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала го погоди северниот брег на Еквадор во текот на ноќта во саботата.
Црвениот крст од Шпанија соопшти дека 5.000 луѓе останаа без покрив над главата, а илјадници од нив имаат недостаток на вода за пиење и храна.