ПЕКИНГ - Националната комисија за здравство на Кина објави писмено соопштение во кое наведува дека бројот на починати од новиот тип на коронавирус кој за првпат се појави во градот Вухан што се наоѓа во провинцијата Хубеи и многу бргу се прошири на целата територија на земјата, изнесува 361 лице, а бројот на заразени од вирусот се искачи на 17.205 лица, од кои 2.296 лица се наоѓаат во тешка состојба, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бројот на лица за кои постои сомневање дека се инфицирани со коронавирусот, изнесува 21.558, додека под опсервација се наоѓаат 152.700 лица.
Бројот на случаи на коронавирусот забележани надвор од границите на Кина, расте. Во Специјалниот административен регион Хонгконг откриени се 15 лица со коронавирус, во Специјалниот административен регион Макао 8 и на Тајван 10.
- Во последните 24 часа 57 починати
Од епидемијата на новиот тип на коронавирусот (2019-nCoV), во последните 24 часа животот го загубија 57 лица, а откриени се нови 2.829 случаи на лица кои го носат овој смртоносен вирус. Со последните смртни случаи, бројот на починатите од коронавирусот во кинеската провинција Хубеи изнесува 350 лица, а бројот на откриени случаи на носители на коронавирусот во оваа провинција, која се смета за центар на епидемијата, достигна 11.177 лица. Бројот на лица заразени од коронавирусот во Вухан, главниот град на оваа провинција, изнесува 5.142 лица.
Покрај тоа, други кинески провинции во кои е забележано зголемување на бројот на случаи заразени од коронавирусот се Џеџјианг 714, Гуангдонг 683, Хинан 566, Хунан 521, Анхуеј 408, Џиангши 391, Џиангсу 271, Сичуан 254 и Шандонг 246.
Бројот на случаи заразени од новиот тип на коронавирусот во градовите кои се директно поврзани со централната власт, изнесува: 191 лице во Пекинг, 193 во Шангај, 300 во Чунгкинг, 48 случаи во Тјенцин.
Бројот на случаи на заразени лица од коронавирусот во светот, надвор од територијата на Кина, изгледа вака:
Во Јапонија се забележани 20 случаи, 19 во Тајланд, 18 во Сингапур, 15 во Јужна Кореја, 12 во Австралија, 10 во Германија, 9 во САД, 8 во Малезија, по 6 во Франција и Виетнам, 5 во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), 4 во Канада, по 2 случаи во Велика Британија, Русија, Италија и Италија, и по еден случај во Непал, Камбоџа, Шри Ланка, Финска, Шпанија и Шведска.
Во меѓувреме, првиот смртен сучај од коронавирусот надвор од границите на Кина се случи на Филипините, каде што почина кинески државјанин на 44-годишна возраст.
Вкупниот број откриени случаи на коронавирусот на светско ниво, вклучувајќи ја тука и Кина, изнесува 17.386.
- Бројот на починати од коронавирусот во Кина го надмина бројот на починати од САРС
Бројот на починати од епидемијата на коронавирусот кој се појави во кинескиот град Вухан и брзо се прошири и во другите делови од земјата, ја надмина бројката на починати од Тешкиот акутен респираторен синдром (САРС), кој во 2002-2003 година се појави во Кина.
Стапката на смртност од вирусот САРС изнесува 10%, додека смртноста од коронавирусот се проценува на 2%. Според податоците на Светската здравствеан организација (СЗО), во периодот 2002-2003 година во Кина од САРС починаа 349 лица.
- Епидемија на новиот тип на коронавирусот
Новиот тип на коронавирусот за првпат е регистриран во кинескиот град Вухан на 12 декември 2019 година. Комисијата за здравство на Вухан на 31 декември го затвори пазарот за морски производи „Хуанан“, под образложение дека кај 27 лица што биле во контакт со тоа место е забележана „мистериозна болест“. Засега нема ниту вакцина ниту каков било друг лек кој би помогнал во борбата против болеста предизвикана од овој вирус, од кој во Кина секојдневно се зголемува бројот на починати и прераснува во сериозна епидемија.
Во научните истражувања што се спроведуваат во Кина поврзани со новиот тип на коронавирус е откриено дека генезата на вирусот потекнува од кинеските видови лилјаци и змии. Сè додека не заврши епидемијата, во Кина е воведена забрана за трговијата со диви животни.
Поради брзото распространување на вирусот од Вухан во другите кинески градови и покраини, од 22 јануари прекинат е јавниот превоз во 17 помали и поголеми градови во покраината Хубеи.
Администрацијата на Пекинг инфорира дека во рамките на борбата против епидемијата се преземени различни мерки, соопштувајќи дека е донесена одлука за забрана на влез во градот Вухан, а излезот ќе биде дозволен само во многу исклучителни ситуации.
Комисијата за вонредни состојби на Светската здравствена организација (СЗО), на состанокот што се одржа на 30 јануари, прогласи „меѓународна вонредна здравствена состојба“, поради новиот тип на коронавирусот што се појави во Кина, а голем број авиокомпании ги откажаа своите летови кон оваа земја поради експанзијата на епидемијата на коронавирусот.