Ihvan Radoykov
27 Јули 2022•Ажурирај: 28 Јули 2022
СОФИЈА (АА) - Министерот за одбрана на Бугарија, Драгомир Заков, истакна дека од Соединетите Американски Држави (САД) ќе бидат купени уште 8 борбени авиони од истиот тип за комплетирање на флотата со 16 авиони од типот Ф-16, јавува Агенција Анадолија (АА).
Заков, министерот за одбрана на Владата во оставка на Кирил Петков, во изјава пред членовите на Комисијата за одбрана на Собранието рече дека е добиена понуда од американскиот производител на оружје „Локед Мартин“ за набавка на 8 авиони од типот Ф-16 Блок 70.
Новите авиони, кои ќе бидат одговорни за безбедноста на воздушниот простор на земјата, се очекува да ја надополнат флотата на воздухопловните сили која е составена од стари руски авиони „МиГ-29“.
Истакнувајќи дека првите 8 авиони Ф-16 се купени за 1 милијарда 673 милиони долари со одобрение на Собранието, Заков истакна дека за новите авиони е добиена понуда од 1 милијарда и 32 милиони долари.
Министерот, исто така, додаде дека сумата ќе биде исплатена во рок од девет години.
Соопштувајќи дека првите купени авиони се очекува да бидат испорачани во 2025 година, Заков истакна дека САД ќе ѝ исплатат на Бугарија 35 милиони долари компензација за доцнењето.
Додавајќи дека отштетата нема да биде исплатена во готово, Заков рече дека 25 милиони долари од оваа сума ќе бидат дадени во форма на опрема за ракети, а останатиот износ е предвиден за обука на пилотите.
- „Проблеми во заштитата на воздушниот простор“ -
Според министерот Заков, доколку првите Ф-16 не се испорачаат до март 2025 година, ќе доцни исплатата на останатите 8 авиони.
Заков, исто така, се осврна и на проблемите што ќе се појават во заштитата на воздушниот простор на Бугарија.
Тој додаде дека одржувањето на воените авиони „МиГ“ е невозможно поради руската војна против Украина.
Наведувајќи дека бугарското воено воздухопловство може да има „проблем со авионите“ до пристигнувањето на Ф-16-те, Заков рече дека во меѓувреме се преговара за обезбедување привремени авиони од некои земји за заштита на воздушниот простор.
„Засега не можам да зборувам за конкретен тип на авиони. Преговараме со неколку земји, особено со САД. Нашите разговори со САД се во најнапредната фаза“, рече министерот Заков, додавајќи дека привременото изнајмување авиони нема да биде технички поскапо од техничкото одржување на старите авиони „МиГ“.
Бугарија не прифати испорака на некои од старите авиони „МиГ“ на Украина. Прорускиот претседател Румен Радев се спротивстави на ова барање на Украина, а во парламентарните дискусии Бугарската социјалистичка партија (БСП) и други партии кои имаат слични размислувања, одбија да ѝ дадат помош во оружје на Украина.