ЛОНДОН (АА) - Високиот британски министер за Азија и Пацификот, Марк Филд, денес изјави дека е длабоко загрижен во врска со плановите за репатријација на араканските муслимани (Рохинџа) од Бангладеш во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
„На бегалците Рохинџа кои го напуштија Мјанмар поради злосторствата од страна на Војската, треба да им се даде можност да се вратат доброволно на безбеден и достоинствен начин“, соопшти министерот за Азија и Пацификот, Марк Филд.
„Длабоко сум загрижен за плановите за започнување со репатријација на бегалците Рохинџа од Бангладеш во Бурма (Мјанмар) во текот на следните денови“, изјави Филд, и додаде:
„ОН и другите меѓународни организации беа јасни за тоа дека сѐ уште не се исполнети условите за враќање на Рохинџите во Бурма.“
„Во Аракан продолжуваат насилствата, а бегалците продолжуваат да ја напуштаат Бурма“, изјави тој.
„Бангладеш испрати трупи во камповите на Рохинџите во Кокс Базар, бидејќи принудната репатријација во Мјанмар посеа страв меѓу бегалците“, објави весникот „Гардијан“ („The Guardian“) денес.
Репатријацијата на над 2.200 бегалци Рохинџа во Мјанмар ќе започне на 15 ноември, поради тврдењата од страна на Бангладеш дека тоа е доброволно.
Бегалците за „Гардијан“ сепак рекоа дека многу семејства Рохинџа започнале да се кријат.
Шефот на ОН за човекови права, Мишел Бачелет, во вторникот го повика Бангладеш да ги прекине плановите за репатријација, бидејќи ќе го стави во прашање животот на бегалците и ќе го наруши меѓународното право.
Истакнувајќи дека Велика Британија секогаш нагласувала дека репатријацијата на кој било бегалец Рохинџа во Мјанмар мора да биде доброволна, безбедна, достоинствена, одржлива и да ги поддржува неговите човекови права, Филд изјави:
„Заедно со многу други нации, Велика Британија го препознава начинот на кој луѓето од Бангладеш и Владата на Бангладеш се справуваат со една од најголемите хуманитарни кризи на нашето време, и покрај големите тешкотии што таа ги има поставено врз сопствениот народ.“
Тој побара гаранција од Мјанмар за потребните заштитни мерки за малцинството Рохинџи.
„Ги повикуваме владите на Бангладеш и Мјанмар да ги поддржат меѓународно признатите принципи на доброволно, безбедно и достоинствено враќање, и ја повикуваме Владата на Мјанмар да ги гарантира потребните заштитни мерки и заштитата на сите бегалци Рохинџа кои се враќаат“, рече Филд.
„Од суштинско значење е да се обезбеди безбедна слобода на движење, еднакви права, пристап до здравствени и образовни услуги, како и државјанство за сите Рохинџи“, рече тој, и додаде:
„Продолжуваме да апелираме до Владата на Мјанмар да им даде целосен и непречен пристап до ОН и меѓународните организации, како и меѓународните набљудувачи, за следење и проценка на идните напори за репатријација.
Муслиманите Рохинџа, опишани од ОН како најпрогонуваната заедница во светот, се соочија со зголемени стравувања од напади, откако десетици беа убиени во насилствaта во 2012 година.
Според извештајот на Меѓународната агенција за развој од Онтарио (OIDA), од 25 август 2017 година, речиси 24.000 муслимани Рохинџа се убиени од страна на безбедносните сили на Мјанмар.
„Над 34.000 муслимани Рохинџа се фрлени во оган, додека над 114.000 други биле претепани“, се вели во извештајот на Меѓународната агенција за развој од Онтарио, насловен како „Присилна миграција на муслиманите Рохинџа: Нераскажани искуства“.
Околу 18.000 жени и девојки се силувани од Армијата и полицијата на Мјанмар, над 115.000 домови се запалени, а 113.000 се вандализирани.
Според „Амнести интернешнал“ (Amnesty International), над 750.000 муслимани Рохинџа, од кои најмногу деца и жени, избегаа од Мјанмар и преминаа во Бангладеш, откако безбедносните сили на Мјанмар започнаа репресивни мерки против муслиманското малцинство во август 2017 година.
ОН документираа масовни силувања од страна на банди, убиства - вклучувајќи и убивања на бебиња и мали деца - брутални претепувања и исчезнувања извршени од страна на безбедносните сили на Мјанмар. Во извештајот, истражителите на ОН истакнаа дека таквите прекршувања може да претставуваат злосторства против човештвото.