Ekipa
15 Август 2017•Ажурирај: 16 Август 2017
ЛОНДОН (AA) - Властите на Велика Британија најавија дека ќе се обидат да останат во царинска унија со ЕУ извесно време за да се избегне хаосот на границите откако таа земја ја напушти Европската Унија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Можно е да постои привремена царинска унија меѓу Велика Британија и Европската Унија", соопшти утрово британскиот Кабинет за излез од ЕУ (Брегзит).
Во соопштението исто така се наведува дека некои видови на царинско партнерство и во иднина би можеле да ја елиминираат потребата за царини на границите помеѓу Велика Британија и ЕУ.
Прашањето на економските односи меѓу Велика Британија и Европската Унија е едно од најсложените во започнатите преговори меѓу Лондон и Брисел. Ниту британските министри немаат единствени ставови за прашањето дали по март 2019 година ќе постојат економски бариери меѓу таа земја и европскиот блок.
Тоа прашање особено ги интересира британските и европските стопанственици во пресрет на продолжувањето на преговорите кои се планирани кон крајот на месецот, а Владата на Велика Британија се обидува да ги увери дека подготвена влегла во тој процес.