Hasan Esen
12 Јануари 2022•Ажурирај: 13 Јануари 2022
ЛОНДОН (АА) - Велика Британија нема да ги враќа бегалците од Сирија, бидејќи земјата не е безбедна, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Под сегашните услови ние не ги враќаме луѓето во Сирија. Велика Британија е согласна со одлуките на Обединетите нации (ОН) дека Сирија и понатаму е опасна за нив“, наведено е во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Соопштението е упатено по одбивањето на барањето за азил на бегалец од Сирија со образложение дека оваа земја е безбедна.
Весникот „Гардијан“ (The Guardian) во веста објавена на 9 јануари наведе дека во барањето за азил на бегалецот (на 25-годишна возраст) од Сирија, поднесено во мај 2020 година, е наведено дека доколку мора да се врати во Сирија, ќе биде сметан за дезертер, ќе биде уапсен и убиен.
Меѓутоа, Министерството за внатрешни работи минатиот месец го одби барањето наведувајќи дека причината не е доволна и дека „нема разумна основа дека ќе биде изложен на тортура“.
Во извештајот на Организацијата за заштита на човековите права објавен во октомври 2021 година наведено е дека бегалците од Сирија не би требало да бидат враќани бидејќи оние кои доброволно се враќаат, се соочени со ризикот сериозно да им се прекршат човековите права.